Скопје, 15 јуни 2012 (МИА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Белград.
Иванов ќе има обраќање на Самитот, а на маргините предвидено е да има и неколку билатерални средби. Шефот на државата ќе се сретне со неговите српски, бугарски и молдавски колеги, Томислав Николиќ, Росен Плевнелиев и Николае Тимофти. Предвидено е да има средби и со Ломберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ, со претставници на Македонското национално малцинство и на Националниот совет на Македонците и со Миле Спировски, претседател на Демократската партија на Македонците и пратеник во Парламентот на Србија.
Во Белград вчера се одржа министерски состанок на ПСЈИЕ на кој учествуваше шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.На состанокот се сумираа резултатите од едногодишното претседателство на Србија со ПСЈИЕ, кое завршува денеска со Самитот на шефовите на држави и влади. Следен претседавач со иницијативата е Република Македонија, која вторпат ќе претседава со ПСЈИЕ.
Претседавањето со оваа регионална иницијатива е ротирачко меѓу сите земји членки и е со времетрање од една година. Министерот Попоски на состанокот ја реафирмира посветеноста на Република Македонија кон принципите на добрососедство, регионална соработка, помирување и инклузивност преку интензивирање на политичката, безбедносната, економската, културната и друга соработка во регионот, како неопходност за негов понатамошен социо-економски развој и напредок кон европската и евро-атлантската интеграција.
Попоски ги претстави и приоритетите на Македонското претседателство со ПСЈИЕ за периодот јуни 2012 - јуни 2013 година, доменот на политичката, економската, културната, образовната и друга соработка во регионот на Југоисточна Европа, а во насока на остварување натамошен напредок во европскиот и евроатлантскиот интегративен процес.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е прва автохтона регионална иницијатива воспоставена во 1996 година, со цел јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирање на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против нелегалните активности. Специфична цел на оваа сеопфатна регионална иницијатива е преку јакнење на добрососедските односи и обезбедувањето на мирот во регионот, да овозможи побрзо приближување кон ЕУ и НАТО.
Полноправни држави-учеснички во ПСЈИЕ се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Молдавија, Црна Гора и Словенија.