Деновиве во Република Македонија „национален спорт“ стана отворената сезона на лов на контроверзниот политичар и поранешен премиер Љубчо Георгиевски.
Се пука од сите оружја и од сите страни. Она што е неверојатно е како на неговите „џелати“ не им текнува дека токму со овие потези го хранат и го враќаат во живот. Исто како што го вратија во живот Црвенковски пред неколку години. Сценариото е исто, дури и најголем дел од „џелатите“ се исти. Се јавија основачите на партијата, се јавуваат поранешни членови кои од „рака му јадеа“, се јавуваат сите кои на било кој начин можат да го оцрнат.

- Лажните херои и лажните основачи на ВМРО-ДПМНЕ, кои наводно се бореле за независна Македонија, се множат како печурки после дожд, им врати Георгиевски.
Дека Георгиевски е „цвеќе за мирисање“ е далеку од вистината. Грците и Бугарите со злато ќе платеа за човек од внатре во Македонија со вакви ставови, поранешен премиер, уште и под сомнение дека извадил бугарски пасош...Милина... Само прочитајте што се пишува во нивните медиуми и се станува јасно:
- Она што го вели Љубчо Георгиевски е точно. Македонците се обидуваат да ја фалсификуваат нивната историја, особено во текот на последните години, со проекти како Македонската Енциклопедија и Скопје 2014. Тие се обидуваат да се откажат од нивниот словенски-македонски идентитет, обидувајќи се да креираат антички македонски идентитет, Неби Дервиши од Институтот за културно и духовно наследство на Албанците.
Грчките медиуми објавија и видеоснимка во која тој тврди дека Македонците имаат само 100-годишна историја и дека требало да се задоволат со неа, а не да крадат историја од Грците, од Бугарите и од Албанците.
Георгиевски во неделата ја објави и автобиографијата „Тоа сум јас“ во која фрла светло врз многу настани во кои бил директен учесник - па како се купувале пратеници, почетоците на ВМРО-ДПМНЕ до преземањето на власта, па се до повлекување од лидерското место на оваа партија и многу други „пикантерии“.
Да се еволуира од став дека „следниот Конгрес на партијата ќе се одржи во Солун“ до овие денешниве дека сме биле фалсификатори на историјата и при тоа да се остане на политичката сцена е секако умешност. Она што секако е јасно е дека стариот лисец Георгиевски им одржа уште една лекција на своите колеги но (за жал) и на целата јавност. Тој е веќе реалност, исто како што беше реалност и Црвенковски кој се врати со стотина илјади гласови повеќе на контото на СДСМ. За некои тоа беше пораз, за некои победа, зависи од точката на гледање.
На трибината која се одржа во организација на Институтот „Димитрија Чуповски“, коалицијата меѓу Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски и „политички крај“ за нив и се прави од чисто прагматски причини, мотивирано од личните суети и фрустрации.
„Велат секој крај е почеток“, вели Брејк во песната која (индикативно) се вика „Во бестрага“.
Георгиевски сепак го постигна тоа што го бараше - се врати на голема врата и сега лесно им порачува - Пукајте, јас и сега држам час!