Скопје, 6 септември 2012 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска ја продолжија расправата по Предлог законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства.
Демократската унија за интеграција ги оствари најавите дека ќе ги искористи сите расположиви административни, технички и деловнички предложениот закон да не се донесе.
Денеска пратеникот на ДУИ Талат Џафери ја продолжи дискусијата која ја почна вчера. Тој дискутираше неколку часа и вчера и денеска, притоа читајќи делови од Уставот, Деловникот...Оттаму најавија дека ќе имаат долги и повеќекратни дискусии по предлог законот.
Според деловникот, на седниците на работните тела членовите не се временски ограничени во своите дискусии како ни колку пати ќе побараат збор.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Веле Ѓорѓиевски, кој вчера од името на предлагачот го образложуваше законот, истакна дека деловничко право на секој пратеник е да говори колку мисли дека е потребно. Сепак, не верува дека тоа нема да ја блокира постапката за донесување на законот. - Сигурен сум дека законот ќе се донесе, рече Ѓорѓиевски.
Тој одговарајќи на новинарско прашање за време на паузата на седницата на Комисијата, истакна дека нема договор меѓу коалициските партнери.
- Нема никаков договор, ова е став на пратеничката група. Мислиме дека дефинитивно имаме обврска да им се оддолжиме на бранителите на кои им беше донесена голема неправда, рече Ѓорѓиевски.
Законот до Собранието го достави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и негова цел е регулирање на посебните и социјални права, кои согласно член 36 од Уставот им се загарантирани на припадниците кои учествуваа во одбраната на суверенитетот на Република Македонија.
Поддршка за законот даде и опозицискиот СДСМ, додека партиите на Албанците во Парламентот беа против, со образложение дека тој е антиалбански, дискриминаторски, како и дека е штетен за мултиетничкиот живот и евроатлантската иднина на Македонија.
Со Предлог законот опфатени се припадниците на воените и на полициските безбедносни сили кои учествувале во спречувањето на насилно уривање на демократските државни институции во периодот од 1 јануари 2000 до 31 декември 2001 година. Во случај кога се работи за загинати припадници на безбедносните сили, надомест ќе добијат членовите на нивното семејство.
Според законот, тие се ослободени од плаќање здравствени услуги во примарна здравствена заштита, а Владата и општините треба да вработат еден невработен член на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили без јавен оглас во државните институции. Со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ се предвидува право на станбено згрижување преку станбен кредит во времетраење од 20 години, при што државата ќе покрие половина од одобрениот кредит и 50 проценти од висината на договорната камата. Ако земат стан под закуп, ќе плаќаат 50 проценти помала кирија од онаа што е утврдена со законот.
Покрај другите права, законот предвидува семејствата на загинатите припадници да добијат паричен надомест од 50 просечни плати остварени во месецот кога настапила смртта на припадникот, а воени инвалиди ќе добиваат надомест зависно од степенот на инвалидитет од 30 до 150 плати, како и работен стаж со двојно траење за време на конфликтот.
Собранието за Предлог-законот ќе расправа во редовна постапка, што значи дека прво треба да го разгледаат комисиите за одбрана и безбедност и за политички систем. Откако овие комисии ќе ја утврдат потребата од усвојувањето на ваков закон, потоа треба да гласаат и пратениците. Во втората фаза истите комисии ќе расправаат ако бидат доставени амандмани, по што законот оди на собраниска седница.