По објавата дека Владата подготвува ревизија на Охридскиот договор, како што е наведено во заедничката колумна на премиерот Никола Груевски и еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, во дневниот весник „Дневник“, од Владата објаснуваат дека станува збор за грешка во преводот.
„Колумната на премиерот Груевски и еврокомесарот Филе е напишана на англиски јазик, усогласена и потврдена на ниво на кабинети и така е пратена до медиумот каде што е објавена. Очигледно е дека имаат грешка во преводот. Во англиската верзија на колумната, која е оригинална и единствена, никаде не стои зборот ревизија (revision на англиски), туку преглед (review на англиски) и се однесува на извештајот за реализација на Охридскиот договор кој е усвоен од Владата и испратен до Европската комисија. Ревизија и преглед се сосема различни термини и од лексички и од политички аспект. Ние побаравме објаснување од медиумот за грешката која е направена, се надеваме дека е ненамерен пропуст и кажано ни е дека ќе следува исправка“, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, за „Капитал“.