Вашингтон, 1 октомври 2012 (МИА) - Република Македонија сака да биде во НАТО и во ЕУ, а таму е Република Грција и сакаме да градиме заедничка иднина. Тоа е пораката што министерот за надворешни работи Никола Попоски ја упатил до шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос на нивната прва средба од именувањето на новата грчка Влада, одржана на маргините од Генералното собрание во Њујорк.
- Она што го изнесовме беше отворен разговор за запознавање. Разменивме повеќе аргументи, какви се, какви можат да бидат односите меѓу нашите две земји. Тоа што го упативме како порака е дека Република Македонија сака да биде во НАТО и во ЕУ, а таму е Република Грција и сакаме да градиме заедничка иднина. Мислам дека тоа беше многу јасна порака и така и треба да биде сфатена, вели Попоски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик коментирајќи ги различните видувања за тоа што си кажале со Аврамопулос.
Според Попоски, клучната порака од сесијата на Генералното собрание била дека почитувањето на меѓународното право е основа за обидите за надминување на какви било билатерални спорови и оти демократските принципи треба да се почитуваат насекаде бидејќи не се никаков ексклузивитет само на западните демократии.
- Во тој правец, мислам дека севкупната меѓународна заедница презема одговорност таквите принципи да бидат рефлектирани во еден неразумен спор кој постои веќе 20 години, вели шефот на македонската дипломатија.
За тоа дали очекува датум за почеток на преговори со ЕУ, Попоски вели не може да прејудицира каков ќе биде извештајот, кој ќе ни биде предаден на 10. октомври.
- Тоа што знам е дека ние имаме направено максимум да опстои таа препорака за почеток на преговорите, и знам дека Македонија никогаш не била поподготвена во изминатите 20 години од почетокот на преговорите со ЕУ. Одлуката за почетокот на преговорите треба да ја донесе Советот на министри, вели Попоски.
Според него, европската интеграција е најдобриот лек за надминување на билатералните спорови.
- Мислам дека таа теза треба да оди во тој правец - со интегрирање во ЕУ, всушност, билатералните спорови кои постојат од еден митолошки аспект, особено на Балканот, ќе исчезнат. Треба да се фокусираме на остварување на целта, а тоа е вклучување на сите во рамки на ЕУ. Македонија во ниту еден момент не избегнува надминување на сите билатерални разлики. Тоа можеме да го постигнеме со дијалог, со отвореност, и со она што е клучно за европската идеја, а тоа е сите да бидеме заедно во тоа семејство, а не да ја искористиме европската идеја за поставување сопки на соседот, вели министерот Никола Попоски.