
Прилеп, 9 февруари 2013 (МИА) - На камената бина на плоштадот „Александрија“ синоќа прилепската група „Crossroar Blues Band“ одржа целовечерен концерт, наменет за донирање средства за обнова на манастирот „Трескавец“.
Посетителите уживаа во звуците на најдобрите песни од групата и донираа средства за обнова на големото светилиште.
Утре е првата акција за расчистување на опожареното, а Координативното тело за обнова на Манастирот најави дека секоја недела ќе се спроведуваат вакви акции.
Координативното општинско тело кое ќе раководи со активностите и планот за расчистување на теренот, ги поканува сите добронамерници кои сакаат да помогнат во расчистувањето на изгорените манастирски конаци, своето учество да го пријават на телефонскиот број 076/425-102 или на електронската адреса treskavec@prilep.gov.mk.
Поаѓањето за неделната работна акција е во 7 часот, пред Центарот за култура „Марко Цепенков“, а организираните групи ќе ги придружуваат планинарите.