Поезија за Скопје - Напишаното останува вечно

Скопје, 26 јули 2013 (МИА) - Кажаното се заборава, напишаното останува вечно, стои во посветата на книгата што деновиве ја добив на подарок од еден колега кој веќе ги минува пензионерските денови. Поезија за Скопје, за денот што скопјани и нивните потомци никогаш нема да го заборават. „Црнопис за еден непребол“ е книга поезија во избор и редакција на новинарот Марко Илкоски, која содржи песни од 40 автори, напишани за скопскиот земјотрес и болката и надежта што тој ја донесе. На денот кога се одбележуваат 50 години од скопскиот земјотрес, се бележат и десет години од издавањето на ова посебно поетско издание.

- Книгата содржи 40 песни за 40 годишнината од скопскиот земјотрес правени по нарачка. Идејата беше секој од нас без разлика што работи да направи нешто за градот, за доброто на луѓето, млади, стари...сеедно со што се занимава. Јас како новинар реков можам да пишувам, но не можам поезија да пишувам. Дојдов на идеја да замолам четириесетина поети да напишат песни дотогаш необјавувани никаде, вели Илкоски.

Речиси на сите што им се јавил се согласиле да напишат песна за Скопје и за земјотресот. Меѓу авторите се Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Лидија Димковска, Михаил Ренџов, Петар Т. Бошковски, Гордана Михаилова, Бошнаковска, Илир Ајдини, Аврам Садикарио, Сашо Гигов - Гиш, Михо Атанасовски...

Само три песни биле веќе напишани и поради одредени особености се ставени во книгата.

Првата песна во овој избор настанала токму на денот на земјотресот, во попладневните часови кога писателот Гого Ивановски гледајќи околу себе ги пренел зборовите на тага и болка на мајката скопјанка.

- Гого Ивановски ја напишал оваа песна попладнето на 26 јули, седнат на камен, на тврда хартија. Втората е поема од Драгица Најческа и се вика „Крв и смрт и надеж“, таа е всушност предговор на еден роман „По трагите на минутите на смртта“ со скопска тема и е напишана на 30 јули 1963 година. И третата е на еден мој школски другар од гимназија Костадин Лукарски, кој што беше евакуиран во Белград и како седумнаесетогодишник напиша поема за родниот град, раскажува Илкоски.

Иако издадена пред точно десет години, на одбележувањето на 40-годишнината од скопскиот земјотрес, книгата „Црнопис за еден непребол“ секогаш ќе и пркоси на актуелноста.

За неа во предговорот Илкоски ќе напише дека е плод на големата љубов на поетите кон Скопје, љубов посилна и од тешкотијата  да се напише песна на однапред зададената тема, во однапред дефиниран кус временски рок.

Заедничка цел е, како што наведува, збогатување на збирката песни за Скопје со што поетите го потврдуваат континуитетот на поетското творештво, ја продолжуваат благородната мисија за чување на спомените од предземјотресно Скопје, за градот на нашето маало и нашата младост, но даваат и поддршка кон сечиј искрен придонес во развојот на ново и свремено Скопје, како град на иднината и на светската солидарност.   

Илковски порачува поетите да не чекаат јубилеи за да пишуваат за Скопје.

Уште еден интересен детаљ е врзан за оваа книга. Насловната стана на книгата е илустрирана со, како што кажува Илкоски, првата направена фотографија на Скопје  со крстот на Водно.    



Сеќавањата на 26 јули 1963

На денешен ден пред 50 години, Илковски имал петнаесет години и живеел на ул. 256 сега Железничка.

- Живеев во сутеренски простории кај чичко ми. Цела фамилија во 1961 година се доселивме овде во Скопје. Прво не знаев што е. Стресе, ја рипнав, излегов надвор, само што погледнав кон куќите се направи една голема пукнатина голема на куќата во која живеев и на комшијата до мене. Погледнав напред, тука беше осми колосек на старата железничка станица. Таму имаше магацини на „Билка“, сега веќе таа е претопена во Алкалоид меѓутоа таму имаше огромни вреќи со разни корени, тревки, за производство на лекови. Беше толку темно, имаше толку темни облаци. Дури некаде околу 8 и 30 мислам дека се појави првпат сонцето. И потоа излеговме надвор да видиме кој сме, што сме, дали сме сите живи, дали некој е повреден, раскажува Илковски.

Потоа заминал кај тетка му која живеела кај зградата на Црвен крст. - Со трчање одам таму, ја гледам зградата и плачам и туку одеднаш слушам „Марко, Марко“ и кога погледнав тетка ми, братучетките, беше дојдена и братучетка ми од Битола. Кога ги видов се израдував, се изгушкавме..., раскажува Илковски.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Колегите го прашуваат Трпе што и земал на девојката за роденден.
- А бе имаше само 500 денари во новчаникот, да имаше повеќе и тие ќе и ги земев.
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Светски ден на дијабетесот
565.- Умре византискиот цар Јустинијан I ...
1263.- Умре Александар Невски, новгородски кнез,...
1533.- Шпанските освојувачи под командата на...