Скопје, 25 декември 2013 (МИА) - Собранието на Република Македонија ја започна расправата за медиумските закони. Пратениците дебатираат за дополнетиот предлог на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а потоа ќе зборуваат и за законот за медиуми, двата во второ читање.
Владејачкото мнозинство и опозицијата имаат различни ставови за носењето на овие закони. Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ова се најдолго и највнимателно подготвувани закони, со јавни расправи и вклучување на сите заинтересирани страни меѓу кои и новинарските здруженија, и експерти од Советот на Европа, Европската унија и ОБСЕ. Опозициските пратеници предводени од СДСМ, пак, сметаат дека на Македонија не и треба закон за медиуми, обвинија оти се чекаше да помине Европскиот совет за законите да бидат ставени на дневен ред и дека со нив местото на Македонија на скалите за слобода на медиумите ќе биде уште подолу.
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски образложи дека во овој период, како и во периодот кога се подготвуваат текстовите на законите, МИАО направи голем број консултации со сите засегнати страни.
- По консултациите коишто ги имавме со Здружението на новинарите на Македонија во изминатиот период добивме согласност за неколку теми коишто ги имаа тие како барања, забелешки кои беа доставени до МИОА. Се согласивме електронските портали да бидат изземени од овие закони и се согласивме за членот којшто се однесува на посебни забрани да биде дополнет со нов став, односно тој член да се однесува само во случаи коишто се пракса во ЕУ според човековите права. Се согласивме за функционирањето на јавниот радиодифузен сервис МРТ за наредните шест месеци да направиме работна група која активно ќе работи на оваа проблематика, детално да се разгледаат сите предности и слабости на постоечкиот систем за да може да се излезе со конкретен предлог како може да се подобри функционирањето, транспарентноста, деполитизацијата на јавниот радиодифузен сервис МРТ, рече Ивановски.
Уверува дека дијалогот со сите заинтересирани страни ќе продолжи за да се подобри легислативата. Повтори дека исто така се консултирани претставници на меѓународната заедница.
- За разговорите што ги имавме имаме поддршка и од ОБСЕ, од г-ѓата Дуња Мијатовиќ, од ЕУ, од Брисел, како и од Амбасадата на САД. Се надевам дека денешната дискусија ќе биде плодна и ќе ја водиме во насока за да се доби квалитетна легислатива – закони коишто ќе помогнат да се развие медиумскиот сектор во РМ каде што ќе донесе поквалитетни и посилни медиуми, рече Ивановски.
Го поздрави формирањето на телото кое се формираше минатата недела, за што се залагаше и Владата и Министерството.
- Да ве потсетам дека во првата драфт-верзија имавме и посебен член каде што се препорачуваше на медиумскиот сектор да се саморегулира, но по забелешките коишто дојдоа од надворешни фактори тој член беше изоставен со цел да не се постигне перцепција дека ние сакаме да го ограничуваме саморегулирањето. Напротив, ние го поддржуваме саморегулирањето и ги поздравувам сите оние што се дел од саморегулацијата и би ги повикал сите останати медиуми кои не беа на првото основачко собрание да се приклучат што е можно побрзо. Тоа е напредокот којшто Македонија може да го постигне, рече министерот за информатичко општество.
Емилијан Станковиќ од СДСМ рече дека опозициската партија нема да ги поддржи законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за медиуми и изнесе низа обвинувања за третманот на медиумите и загрозување на слободата на говорот во овие седум години од страна на власта.
- Немаме намера да ја делиме одговорноста за овие состојби со ВМРО-ДПМНЕ, рече Станковиќ.
Ги повтори амандманите што ги поднесе опозицијата за медиумските закони, а кои не беа прифатени од Владата. Пентагон, забележа тој, објави колку пари потрошил за медиумски кампањи додека Владата тоа го чува податокот како државна тајна. Власта, според него, ја купува наклонетоста на медиумите со кампањи.
Обвини дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ треба да им се извинат на новинарите и за тоа што беа исфрлени од салата на 24 декември и да се свртат да го погледнат транспарентот што тие го држеа во раце на почетокот на седницата.
Горан Мисовски од НСДП рече дека, според неговото искуство, со ВМРО-ДПМНЕ нема договор. - Никој не ви верува повеќе. Завладеавте со целиот медиумски простор, сега се запнавте за порталите. Пораката што ви ја пратија новинарите и тие не ви веруваат. Одговорно тврдам дека кога ќе ги изгласате овие закони ниту ќе сакате да разговарате со некој од новинарите, ниту да го откочите овој процес од мртва точка, рече Горан Мисовски, реплицирајќи му на министерот Ивановски.
Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова се најдолго и највнимателно подготвувани закони, со јавни расправи и вклучени сите заинтересирани страни, меѓу кои и здруженијата на новинарите и експерти од СЕ, ЕУ и ОБСЕ. - Секако дека идеални законски решени. Не е идеално но е далеку подобро од се што беше претходно предложено, рече Николовски.
Пратеникот Влатко Ѓорчев рече дека пратениците на СДСМ немаат право да зборуваат за 24 декември, зашто нивната намера била тогаш да ја „запалат државата“, односно да нема буџет. - Зборувате за 24 декември. Па вие тогаш сакавте да ја „запалите“ Македонија и да нема буџет, рече тој потсетувајќи дека на закани и мобинг од страна на СДСМ кон претседателот на Собранието и новинари.
Според Антонио Милошоски, прифатени се голем дел од забелешките на медиумските здруженија. - Сите јавни расправи во кои учествуваа и медиумски здруженија, беа искористени за доставување 400 забелешки за предлогот на законот. Од нив 90 се прифатени а 60 делумно, рече Милошоски.
Беким Фазлиу од ДПА побара одговор од ДУИ што се случи за да ги поддржат законите, кога веќе се изјаснија дека нема да го сторат тоа. - Да ја потсетам јавноста дека самиот лидер на ДУИ беше тој кој што рече дека нема да дозволиме да поминат овие два закони. И добро е да дадат објаснување што се случи што денеска ДУИ ќе даде поддршка на законите, изјави Фазлиу според кого со овие закони ќе се легализира цензурата.
Неџати Јакупи од ДУИ ги отфрли обвинувањата на Фазлиу, наведувајќи дека ДПА не дала никаков придонес за подобрување на овие закони и само влегуваат во сала и кажуваат нешто бидејќи немаат концепт.
Фазлиу побара повторно во знак на протест побара еден час пауза.