Брисел, 10 јануари 2014 (МИА) - Усвојување на препораките од политичкиот договор од 1 март минатата година и дефинитивно се услов за Европската комисија да продолжи со Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Република Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Она што во соопштението по средбата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе со претседателот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, Комисијата го посочи во соопштението, денеска во изјава за МИА го потврдува и портпаролот на ЕК, Петар Стано.
Според Стано, она што Филе му го кажал на Заев на нивната средба на денот на православниот Божик, а беше цитирано во соопштението на ЕК, дека „кога имплементацијата на мартовскиот договор ќе продолжи, Комисијата е подготвена да го поддржи реформскиот процес преку ХЛАД-от, под услов властите да останат посветени на спроведувањето на реформите и продолжат со подобрување на добрососедските односи”.
- Мислам дека тоа појаснува се, дециден е гласноговорникот на Еврокомисијата.
На прашањето ако е можно за Македонија да е услов имплементација на точките од политички договор за да продолжи со Пристапниот дијалог со Европската унија, додека за Босна и Херцеговина, каде владее целосен политички хаос, тоа не е случај и идната недела комесарот Филе дури и ќе го посети Сараево, портпаролот на комесарот за проширување со одговор дека има две поенти што се многу важни.
Според Стано, во процесот на проширување не може да се споредуваат земјите.
- Секоја земја е специфична и има сопствени услови, па не може да се каже што правиме за едни, мора и за други, односно што се случува во некоја земја, а е поврзано со процесот на пристапување. Одбивам секаква споредба меѓу земјите-кандидати и земјите-аспиранти што се нашето портфолио, истакна Стано.
Гласноговорникот на Филе вели дека условот е јасен за Македонија. - Кога станува збор за пристапниот процес, изминатите пет години ние препорачуваме почеток на пристапните преговори. А, постои и јазик на земјите-членки од заклучоците на декемврискиот Самит и ќе ве упатам на тоа, каде Пристапниот дијалог исто така е споменат. Сепак, кога станува збор за овој цитат на комесарот Филе, мислам дека нема потреба да давам други толкувања, цитатот е јасен и може само уште еднаш да го прочитам. Но, јасно е дека кога имплементацијата ќе продолжи, Комисијата е подготвена да го поддржи реформскиот процес преку ХЛАД-от, под услов властите да останат посветени на спроведувањето на реформите и продолжат со подобрување на добрососедските односи, дециден е Петар Стано.
Портпаролот на Филе не појасни само дали новиот услов на официјален Брисел за нашата земја произлегол од состанокот Филе-Заев или, пак, тоа е претходно изграден став на Европската комисија.