Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го именува пензионираниот генерал Џејмс Матис за иден министер за одбрана на САД.
Изборот на Матис би можел да биде уште еден показател дека Трамп има намера идната американска надворешна политика да ја дистанцира од онаа што ја водеше Барак Обама, потпирајќи се на американските сојузници во борбата против исламистичките екстремисти.
Номинацијата на овој воен стратег веројатно ќе биде одобрена од припадниците на американската војска, од кои многумина го познаваат по прекарот „Бесно куче“.
Сепак, за номинацијата на Матис има бирократски пречки, имајќи предвид дека тој е пензиониран во 2013 година, а за да биде одобрен од Конгресот потребно е новиот шеф на Пентагон да биде цивил најмалку седум години пред именувањето.