Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон пристигна во Пекинг, каде со највисоките кинески претставници ќе разговара за обидите да се спречи нуклеарната програма на Северна Кореја и да се извршат подготовки за претстојната посета на претседателот на САД, Доналд Трамп на Кина.
Планирано е Тилерсон да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг по разговорите со високиот дипломат Јанг Џиечи и министерот за надворешни работи Ванг Ји.
Трамп упорно бараше од Си да изврши поголем економски притисок врз Северна Кореја, со цел таа да се откаже од својата нуклеарна програма.
Кина одговори на тој начин што ги поддржа новите санкции на Советот за безбедност на ОН против Пјонгјанг.
Пред два дена, Кина соопшти дека на севернокорејските компании на своја територија им дава рок до јануари следната година да ги затворат своите дејности.