Поголем дел од светската популација дише нечист воздух, при што само 17 отсто од градовите на планетата ги исполнуваат упатствата на Светската здравствена организација (СЗО) за загадување на воздухот, се наведува во извештајот што го подготви швајцарската компанија за следење на квалитетот на воздухот IQAir.

Компанијата анализирала податоци од 40.000 мониторинг станици во 138 земји и открила дека воздухот во Чад, Конго, Бангладеш, Пакистан и Индија е најзагаден.
Во Индија се шест од деветте најзагадени градови, со најзагаден воздух во малиот индустриски град Бирнихат на североистокот на земјата.
Експертите забележуваат дека реалното загадување на воздухот би можело да биде многу поголемо, бидејќи многу делови од светот немаат мониторинг потребен за да се добијат попрецизни податоци.
Во Африка, на пример, има само една мониторинг станица на 3,7 милиони луѓе.
Оваа година, авторите на извештајот можеа да вклучат податоци од 8.954 нови локации и околу илјада нови станици како резултат на напорите за подобро следење на загадувањето на воздухот.
- Дишењето нечист воздух во текот на долг временски период може да предизвика респираторни заболувања, Алцхајмерова болест и рак, вели Фатима Ахамад, главен научник и експерт за последици од загадување на воздухот во малезискиот Центар за планетарно здравје - Санвеј.
Светската здравствена организација проценува дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе секоја година.
СЗО претходно откри дека 99 отсто од светското население живее на места кои не ги исполнуваат препорачаните нивоа на квалитет на воздухот.
Неколку градови како Пекинг, Сеул, Јужна Кореја и Рибник во Полска успешно го подобрија квалитетот на воздухот преку построги регулативи за загадување од возила, електрани и индустрија. Тие, исто така, промовираат употреба на почиста енергија и инвестираат во јавниот транспорт.
Неодамна објавена студија покажа присуство на високо ниво на микропластика во белите дробови на птиците, што е доказ за широко распространето загадување на воздухот.
Друга студија покажа дека загадениот воздух ја намалува способноста на луѓето да се фокусираат на секојдневните задачи.