Бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар достигна 2719 лицаБројот на загинати во разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар се искачи на 2719, додека 4521 лице се повредени, а 441 се водат како исчезнати, се наведува во изјавата на генерал Мин Аун Хлајн, лидерот на воената хунта во земјата.
Генералот предвидува дека бројот на жртви би можел да надмине 3000.
Неколку земји испратија хуманитарна помош за Мјанмар и соседен Тајланд по силниот земјотрес што во петокот ги погоди двете југоисточни азиски држави. Напорите за помош се фокусирани на најпогодените подрачја во Мјанмар, каде што бројот на жртви постојано расте.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на Мандалеј – вториот најголем град во Мјанмар, со население од околу 1,5 милиони жители. Во соседен Тајланд, бројот на загинати се искачи на најмалку 18 лица, додека 78 се водат како исчезнати, главно градежни работници. Десет од жртвите загинале на градилиште на новата зграда на Државната ревизорска служба на Тајланд, додека останатите осум загинале во други делови од градот, пренесе „Бангкок пост“.
Спасувачките операции продолжуваат. Вчера од урнатините беа извлечени тројца преживеани – две жени и едно дете, кои поминале околу 60 часа затрупани под рушевини. Петгодишно дете, бремена жена и 29-годишна жена беа спасени од кинески тимови за итни случаи, соопшти мјанмарската новинска агенција „Нау“, повикувајќи се на кинеската амбасада во земјата.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени предизвика уривање на голем број згради и оштетување на патишта, што дополнително ги отежнува спасувачките напори во погодените подрачја.
|