„Разбуди се“ бара вклучување албански експерти во ископувањата на Скопското калеСкопје, 16 март (МИА) - Граѓанското движење „Разбуди се“ поддржано од уште 12 албански невладини организации и здруженија денеска изрази загриженост поради, како што велат, невклучувањето на албанци експерти за илирска култура во ископувањата на Скопското кале, проект кој започна вчера и е поддржан од Владата.
- Во овој случај археологијата како наука е крајно исполитизирана. Водени од искуството од минатото укажуваме со крајна загриженост дека тимот кој треба да ги изврши ископувањата има за цел да го повтори обидот за искривување на научните факти, без разлика во чија полза ќе бидат тие, рече на денешната прес конференција претседателот на „Разбуди се“ Артан Груби.
Според него, албанците вклучени во проектот се со мало искуство, а од нив само двајца се дипломирани на Факултетот за Историја на уметност со археологија.
Раководителот на проектот за конзервација и реставрација на југозападните бедеми на Скопската тврдина, проф. д-р Драги Митревски, вчера на почнувањето на работите изјави дека во стручната екипа се ангажирани седуммина Албанци од Македонија, дека археолози од Косово се добредојдени за соработка, но не и за учество со обврски.
- Терајќи ја оваа работа како наука, како струка, немам потреба од колеги од Косово, има потреба од соработка од тој вид каков што тие бараат од мене, како гостин, соработник, консултант на нивни истражувања каде што сум учествувал, посебно во Тирана. Имам блиска соработка со Косово тие се секогаш добредојдени, онака како што сум јас добредојден таму, но не со обврски, тоа е повисок степен на соработка, рече Митревски.
|