Арифхикмет Џемаили избран за нов министер за култура Скопје, 12 април (МИА) - Парламентот попладнево го избра Арифхикмет Џемаили за нов министер за култура, кој ја наследува функцијата на својот сопартиец од Демократската партија на Албанците Илирјан Беќири.
За изборот на Џемаили гласаа 63 од 65 присутни пратеници. Се гласаше без пратениците на СДСМ кои претходно ја напуштија седницата. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јани Макрадули изјави дека не сакаат да учествуваат во расправа во која се цензурираат нивните дискусии.
Назначувањето на новиот министер во ресорот култура доаѓа откако претходниот, Илирјан Беќири, поднесе оставка поради писмото со кое им забрани на националните институции од културата да учествуваат во претставата „Тито, сигурни дијаграми на копнежот“.
Новоизбраниот министер за култура Арифхикмет Џемаили во Собранието даде свечена изјава дека совесно ќе ја извршува функцијата.
Џемаили е член на Централното претседателство на ДПА и досега ја извршуваше функцијата проректор за настава на Државниот тетовски универзитет. Роден на 17 ноември 1953, живее во село Боговиње, оженет и татко на три деца. Средно музичко училиште завршил во Призрен (1972), дипломирал на Музичка академија во Приштина (1981), во 1999 година се запишал на Новобугарскиот универзитет во Софија, каде што во 2001 стекнал звање магистер по хорско диригирање. Работел како наставник и професор по музичко воспитување во ОУ „Абдуљ Фрашери“ во Боговиње и во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Од 1994 до 2004 е надворешен професор за хорско диригирање и хорско пеење на Музичкиот факултет на Тетовскиот универзитет. Бил продекан, а потоа и декан на овој Факултет, а од 2004 е вработен како доцент по хорско диригирање и хорско пеење на Тетовскиот универзитет. Од 2006 година е проректор за настава на ДУТ. Основач е на женскиот хор во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ и раководител на мешаниот хор на ДУТ и во Домот на културата „Иљо Антевски-Смок“ во Тетово. Имал над 50 концерти во Макеоднија и надвор и е добитник на високи награди и признанија.
|