Тајван денеска со внимание ги следи случувањата во врска со едностраното признавање на независноста на Косово и ќе и честита на отцепената покраина, но аналитичарите очекуваат дека овој просперитетен азиски остров во своите односи со Кина, нема да тргне по тој пат.
Министерството за надворешни работи на Тајван подготви соопштение во кое ќе му честита на Косово за независноста и ќе повтори дека Владата во Тајпеј го поддржува еден од принципите на Обединетите нации, дека суверените држави имаат право на самоопределување.
Тајван веќе подолго време безуспешно бара да му биде вратено местото кое до 1971 година го имаше во ОН, каде од 1945 година беше постојана членка на Советот за безбедност со право на вето.
Островот, кој инсистира на официјалниот назив Република Кина, го признаа 23 држави, додека за сите останати тој се уште останува дел од Народна Република Кина.
За тајванските сепаратисти, сецесијата на Косово е доказ дека тие на крајот би можеле да победат во својата борба за самоопределување.
На 23 милионскиот остров, чие стопанство е 16-то по големина во светот спроед Бруто домашниот производ, на 22 март треба да се одржи референдум на кои граѓаните ќе се изјаснат за членството во ОН.
Пекинг е уверен дека обидите на властите во Тајпеј да се вратат во ОН ја отсликуваат намерата на Тајван да го измени сегашниот статус кво во односите меѓу двете земји.
Кина Тајван го смета за своја одметната провинција, која треба повторно да се обедини со копното и се заканува дека ќе го врати островот со сила доколку прогласи независност или продолжи да ги одложува преговорите за обединување.
Тајван од 1993 година почна да бара прием во ОН, но барањето секој пат беше одбивано поради противењето на Кина, која како постојана членка на СБ, има право на вето.