Стејт департментот им порачува на американските граѓани да бидат внимателни при посета на АтинаАтина, 13 март (МИА) - Американскиот Стејт департмент им порачува на своите граѓани, кои заминуваат во Атина, да не ги посетуваат квартот Ексархија и плоштадот Омонија во центарот на грчкиот главен град поради опасност од терористички напади, објави денеска атинскиот весник „Та неа“.
Во соопштението на американското Министерство за надворешни работи конкретно се порачува да се избегнуваат посетите на овие места, потсетувајќи на неодамнешните бомбашки напади на терористичките групи „Револуционерна борба“ и „Секта на револуционерите“.
Исто така, се повикуваат американските граѓани кои живеат во Грција да бидат претпазливи и внимателно да ја следат состојбата во земјата.
Според Стејт департментот сегашните терористички организации во Грција ја прифаќаат „идеологијата на терористичката групација 17 ноември“, а квартот Ексхарија во Атина и плоштадот Омонија се реони каде постои опасност од „криминал и насилство“. Поради тоа вработените во американската амбасада во Атина биле предупредени да ги избегнуваат овие места од девет навечер до утрото следниот ден.
Во соопштението првпат Стејт департментот наведува дека универзитетите исто така се опасно место, бидејќи се посетувани од анархисти и млади луѓе кои се вмешани во криминални дела. Се потсетува и дека на грчката полиција и е забранет влезот во универзитетите поради законското право на неприкосновеност на овие образовни установи.
Се додава и дека како земја од шенген зоната, Грција претставува дестинација за влегување преку нејзините граници на странски терористички организации од југ и исток.
|