Сиднеј, 14 мај (МИА) - Вирусот H1N1 може да е создаден од невнимание на научниците кои развивале нови вируси за создавање на нови вакцини, изјави пензиониран вирусолог од Австралискиот национален универзитет Ејдран Гибс.
И експертите за грип од Светската здравствена организација (СЗО) ја разгледуваат можноста дека грипот А е комбинација од генетскиот материјал на свињите, птиците и луѓето, создаден во научна лабораторија.
- Имаше реклама за вакцина против грипот кај свињите, што содржи три различни вируси. Ако вирусот, за разработување на таквата вакцина, не бил уништен, тоа ја објаснува заразата. Но, тоа е само една од неколкуте можности, истакнува Гибс.
Тој е еден од научниците кои учествуваше во создавањето на лекот „Тамифлу“, што засега е најефикасниот медикамент за лекување на различните типови на грип.