Лондон, 17 септември (МИА) - САД не му се враќаат на расизмот по само десет месеци од инаугурацијата на првиот црномурест американски претседател, пишува лондонски „Дејли телеграф“, осврнувајќи се на најновите случувања и обвинувањето од поранешниот претседател Џими Картер дека критиките кон Барак Обама за Законот за здравство се врз „расистичка основа“.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, весникот потсетува дека изборот на Обама на минатогодишните претседателски избори, требаше да означи „нова зора“ за САД, каде повеќе не владее расизмот, додека полагањето на свечената заклетва на Капитол Хил во Вашингтон се чинеше дека претставува историски пресврт за земјата, кој конечно става точка на едно поглавје од нејзиното минато.
Во меѓувреме ширум САД се појавија масовни протести против новиот претседател и неговата гласно најавена реформа на здравствениот систем, на кои, како што забележува весникот, некаде некои од учесниците носат и „срамни расистички плакати“.
Според „Дејли телеграф“, Обама веќе не е толку популарен како што беше за време на изборите и по инаугурацијата за претседател. Причина за тоа е нормалното паѓање на популарноста како одминува неговото време на функцијата. Уште повеќе, падот на популарноста е резултат на нереалните очекувања со кои тој беше пречекан на стартот од својот мандат, за што и самиот е виновен, бидејќи ги поттикнуваше таквите очекувања, оценува весникот.
Конечно, новиот претседател и неговиот тим соработници, имаат направено и повеќе грешки и погрешни проценки во изминатите месеци, но сепак, сето тоа заедно, не дава основа за да се тврди дека САД му се враќаат на времето на расизмот и на расистичката омраза, заклучува „Дејли Телеграф“.
Белата куќа во меѓувреме се дистанцираше од оценките и квалификациите на Џими Картер, додека лондонски „Индепендент“ во својот уреднички коментар им порачува на Вашингтон и на претседателот Обама, воопшто да не влегуваат во каква било дебата за расизмот.