Њујорк, 8 јули 2010 (МИА) - Федералниот суд во Њујорк обвини единаесет лица за шпионажа во корист на Русија. Против деветмина од обвинетите се поднесени и обвиненија за перење на пари.
Единаесетте лица беа уапсени минатата недела.
Претходно вчера, судските рочишта во американскиот суд во Вирџинија за случајот на осомничените руски шпиони, беа откажани во последен момент.
Во Александрија, Вирџинија судот требаше да се состане за делата на Михаил Куцик, Наталија Переверзнева и Михаил Семенко. Нема официјално известување зошто судењата се откажани. Тројцата осомничени се префрлени во Њујорк, каде треба да бидат изнесени пред Федералниот суд.
Информацијата за тоа само ги засили гласините дека се подготвува размена на шпиони меѓу Вашингтон и Москва.
Другите двајца осомничени Доналд Хитфолд и Трејси Ан Фоли, се откажаа од правото да им биде судено во Бостон и поради тоа се префрлени во Њујорк.
Во Вашингтон американскиот помошник државен секретар за политички прашања Вилијам Барнс се сретна со рускиот амбасадор Сергеј Кислак. Според американските медиуми, тема на разговорот биле апсењата на членовите на групата осомничени за шпионажа во корист на Русија.
Барнс, кој беше амбасадор во Москва, редовно се сретнува со рускиот претставник во Вашингтон, изјави висок службеник на Стејт департментот кој побара анонимност, нагласувајќи дека средбата на Барнс и Кислик имала „рутински карактер“.
Од американска страна не беа откриени детали од разговорот меѓу Барнс и Кислик, а се уште нема официјален коментар за гласините дека се подготвува договор за размена на шпиони со Русија.
Во меѓувреме, нуклеарниот физичар Игор Сутјагин е префрлен во Москва од затвор во азискиот дел на Русија, каде што одлежува 15-годишна затворска казна под обвинение за шпионажа. Руските медиуми објавија дека двојниот агент Сергеј Скрипил, осуден во 2006 година на 13 години затвор, исто така ќе биде вклучен во размената.