Њујорк, 9 јули 2010 (МИА) - Авион на Вирџин ерлајнс со депортираните од САД десет руски шпиони полетал синоќа од Њујорк во насока кон Москва, изјави анонимен американски претставник. Чартерот бил организиран од американската Влада.
Автобусот со десетте руски шпиони се упатил кон аеродромот синоќа веднаш по завршувањето на судскиот процес на кој тие ја признаа вината - дека работеле за руската Влада. Судијата Кимба Уд нареди итна депортација.
Министерството за надворешни работи на Русија потврди дека тие ќе бидат разменети за четири лица осудени порано во Русија.
Претседателот Дмитриј Медведев потпишал указ за помилување на Игор Сутјагин, Сергеј Скрипал, Александар Запорожски и Генадиј Василенко. Тие се обратиле до него со барања во кои ја признале вината.
Тие веќе издржале поголем дел казната во затвор - Сутјагин бил 11 години во затвор, Запорожски - девет, Скрипал - над 5 години.
Во писмо до судијата Уд се вели дека во рамки на договор меѓу двете држави, руската Влада одлучила да ги ослободи руските затвореници и членови на семејствата.
Според Стејт департментот, помилувањето не значи дека работеле за американските специјални служби.
Апсењата на сите руски агенти биле извршени оти еден од нив се подготвувал да ги напушти САД, а фактот дека тоа се случило по посетата на Медведев, бил совпаѓање.
Не е јасно како ќе се случи размената. Дел од западните медиуми објавија дека тоа ќе се случи денеска во Виена.
Беше објавено синоќа дека Сутјагин веќе пристигнал во Виена од каде барал да замине за Лондон, но руски медиуми негираа таков развој на настаните.