Лондон, 29 септември 2010 (МИА) - Американските и европските власти соопштија дека откриле еден од најсериозните планови за напад на терористичката мрежа Ал Каеда во изминатите неколку години, чии цели би биле градови во Велика Британија, Франција и Германија, а можеби и во САД, јави американската телевизиска мрежа Еј-Би-Си.
Американските и европските разузнавачки и полициски служби соопштија дека информацијата за нападите е заснована врз испитувањето на еден германски државјанин осомничен за терористички активности, кој е уапсен ова лето на пат за Европа, а во моментов се наоѓа во американската воздухопловна база Баграм, во Авганистан.
Неименуван американски функционер изјави дека опасноста постои, но дека се уште не се познати точните цели, ниту времето на евентуалните напади.
Терористичкиот план од идејна фаза преминал во фаза на конкретно планирање, а се смета дека групи добро вооружени екстремисти планираат киднапирања и убиства, кои би биле изведени како нападите во Мумбај во 2008 година, кога настрадаа 173 лица.
Американската министерка за внатрешна безбедност Џенет Наполитано изјави минатата недела во Конгресот дека е забележано зголемување на активностите на повеќе групи и евидентирани се повеќе опасности.