Вашингтон, 29 ноември 2010 (МИА) - Пет западни весници почнаа со објавување на делови од стотиците илјади тајни документи на САД добиени од интернет сајтот „Викиликс“, кои овозможуваат поблиску запознавање со американската дипломатија и изнесуваат не сосема пријатни оценки за голем број странски лидери.
Станува збор за американскиот весник „Њујорк Тајмс“, британскиот „Гардиен“, германскиот „Шпигел“, францускиот „Монд“ и шпанскиот „Паис“, кои ги добија овие документи од сајтот „Викиликс“, кој пак одбива да ги соопшти изворите на информации.
Документите беа објавени и покрај острото противење на САД, кои тврдат дека до нив е дојдено на незаконски начин и дека треба да бидат вратени.
Американските дипломати, вклучително и самиот шеф на дипломатијата Хилари Клинтон, последните денови се во постојан контакт со голем број земји со цел да спречат евентуални дипломатски непријатности по објавувањето на тајните документи на Стејт департментот.
„Монд“ посочува дека во документите што ќе ги објави нема да бидат споменувани лица кои би можеле да бидат доведени во опасност, а нема да бидат изнесени и најстрогите државни тајни на САД.
„Њујорк Тајмс“ наведува дека голем дел од овие документи се означени како „тајни“, но дека на ниту еден од нив не стои ознаката „строго доверливо“. Според весникот, документите содржат податоци за контактите меѓу Стејт департментот и околу 270 американски амбасади и конзулати ширум светот.
Поголем дел од 251.287-те документи содржат податоци со рутински содржини, но во некои од нив има и детали и коментари кои би можеле да предизвикаат непријатности. Повеќето од документите се од периодот меѓу 2005 и 2010, наведува „Њујорк Тајмс“, додавајќи дека тие содржат информации за напорите на претседателите Џорџ Буш и Барак Обама во справувањето со тероризмот и со ширењето на нуклеарното оружје, а има и податоци за иранската нуклеарна програма.
Според „Шпигел“ во документите може да се прочита дека американските дипломати го гледаат авганистанскиот претседател Хамид Карзаи како „слаба личност, опседнат со параноја и теории на заговор“.
Рускиот претседател Дмитриј Медведев е опишан како „безличен и колеблив“, премиерот Владимир Путин е наречен „алфа куче“, германскиот канцелар Ангела Меркел, која е нарекувана „тефлон Меркел“ како политичар кој избегнува ризици и е „не особено креативна“, а шефот на француската држава Никола Саркози е окарактеризиран како „чувствителен и авторитарен кој се однесува грубо кон своите соработници“, наведува „Шпигел“.
Во друг документ се посочува дека Медведев се однесува како „Робин во однос на Бетмен“ кога станува збор за неговите врски со претседателот Путин, додека за италијанскиот премиер Силвио Берлускони се вели дека е „неефикасен европски лидер“.
Според германското списание, во еден документ од 2009 година изработен од американски дипломати во Рим се наведува дека Путин одржува исклучително блиски пријателски врски со Берлускони, кој вклучуваат и рамена на скапи подароци. Според дипломатите, Берлускони се повеќе се претвора во „устата на Путин во Европа“.
Според „Шпигел“, за американските дипломати германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле е „некомпетентен“, а иранскиот претседател Махмуд Ахмединеџад се однесува како Хитлер. Јеменскиот претседател Али Абдула Салех е окарактеризиран како „нестрплив“, израелскиот премиер Бенјаним Нетанјаху како „елегантен и шармантен, кој никогаш не ги исполнува ветувањата, а либискиот лидер Муамер Гадафи како „едноставно чуден“.
„Шпигел“ објавува и документ во кој американските дипломати оценуваат дека турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган е лошо информиран и советуван од шефот на дипломатијата Ахмед Давитоглу во врска со состојбите надвор од Анкара. Според дипломатите, Ердоган воглавно се информира од весниците кои му се наклонети и „е опкружен со железен обрач од надмени советници кои му ласкаат“.
Во друг документ се тврди дека голем број водечки личности од турската владејачка Партија на правдата и развојот се припадници на панисламистичката организација Муслиманско братство, како и дека Владата во Анкара поставува исламисти на истакнати позиции.
|
„устата на Путин во Европа“ | |
„Гардијан“ објавува документ во кој се тврди дека саудискиот крал Абдула постојано апелирал до САД да го нападнат Иран, односно „да и ја отсечат главата на змијата“ за да и стават крај на нуклеарната опасност, како и дека го убедувал Вашингтон дека Саудиска Арабија засилено работи на намалување на иранското влијание во Ирак.
Во друг документ се потенцира дека американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс смета дека евентуален воен напад врз Иран нема да ги принуди властите во Техеран да се откажат од нуклеарната програма, туку дека само ќе се одложи напорите на Иранците за добивање на нуклеарно оружје за една до три години.
Во документ со доверлив разговор се тврди дека Гејтс на својот француски колега Ерве Морен во февруари годинава му рекол дека Израел може да преземе воена операција против Иран без помош на САД, дури и без гаранција за успех.
„Њујорк Тајмс“ објавува документи во кои се тврди дека главни донатори на сунитските милитантни групи, меѓу кои и Ал Каеда, се државјани на Саудиска Арабија, а дека Катар, каде со години се стационирани американски трупи, е „најлошата земја во регионот“ во борбата против тероризмот.
Во еден документ од 2007 година се посочува на можноста за судир меѓу САД и Пакистан во врска со пакистанското нуклеарно гориво, а во друг се наведува дека Исламабад одбива да дозволи посета на американски експерти во земјата, бидејќи тоа би можело да се протолкува како дека Вашингтон „го презема пакистанското нуклеарно оружје“.
Што се однесува до Кореја, според американскиот весник, Вашингтон и Сеул разговарале за можностите за обединување на двете Кореи доколку „економските проблеми и политичките тензии доведат до пад на режимот во Пјонгајнг“. Јужнокорејците дури размислувале за економски понуди за Кина, со цел да го одоброволат Пекинг да прифати постоење на обединета Кореја која е во „добронамерно сојузништво со САД“.
Документите содржат и преписки меѓу американските дипломати и други земји во врска со примањето затвореници од воената база „Гвантанамо“. Така на Словенија и е порачано дека ќе мора да прифати затвореници од „Гвантанамо“ доколку сака средба на нејзините лидери со Обама, на државата Кирибати и се понудени милиони долари, додека на Белгија и е сугерирано дека преземањето на затворениците претставува „најевтин начин државата да стане најистакната во Европа“.
Постојат и документи во кои се тврди дека Политбирото на Комунистичката партија на Кина донело тајна одлука за хакерски упад во компјутерскиот систем на „Гугл“ во Кина, како и дека кинеската Влада за таа цел регрутирала хакери меѓу своите оперативци, експерти од приватни компании и странци.
„Њујорк Тајмс“ наведува и дека Стејт департментот барал од американските дипломати да ги шпионираат политичарите во државите во кои се наоѓаат, па така во една телеграма упатена до Амбасадата на САД во Софија се бараат детали за „ односите меѓу бугарските лидери и руски официјални претставници или бизнисмени“.
„Гардијан“ тврди стотиците илјади документи од дипломатската кореспонденција на САД, биле ореземени од огромна компјутерска база на податоци, управувана од американската војска, и до која можат да имаат пристап околу три милиони лица.
Кога американските дипломати праќаат телеграми, кои треба да бидат прочитани и од војската, тие додаваат етикета Sipdis на адресниот код на пораката. Тоа значи дека телеграмата е за распространување преку системот SIPRNet (Secret Internet Protocol Router Network), кој е американски воен систем, одделен од обичниот цивилен Интернет и управуван од Пентагон.
„Гардијан“ објави дека во 2005 година 180 амбасади на САД во светот биле поврзани со овој воен Интернет. Весникот додава дека преку мрежата SIPRNet не се распространуваат строго тајни документи.