Чавес: Капитализмот е виновен за климатските промени Каракас, 6 декември 2010 (МИА) - Претседателот на Венецуела Уго Чавес го обвини „криминалниот капиталистички систем“ за глобалните климатски промени, вклучувајќи ги поројните дождови што однесоа десетина жртви во Венецуела и Колумбија.
Во Венецуела во изминатите неколку денови најмалку 32 лица загинаа, а 70.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови особено во крајбрежните области каде имаше појава на лизгање на земјиштето.
Бројот на жртвите во соседна Колумбија е многу поголем, иако во подолг период, каде има 170 загинати, 19 исчезнати и повеќе од милион и половина загрозени лица.
Харизматичниот социјалистички лидер на Венецуела лично ја презеде одговорноста за спасувачките операции, сместувајќи 25 семејства во својата претседателска палата и обезбедувајаќи сместување за останатите во министерствата, касарните, па дури и во трговските центри во главниот град Каракас.
- Несреќата со која се соочуваме со овие сурови и продолжени дождови се нов доказ за неправедниот парадокс на нашата планета, нагласи Чавез.
- Развиените земји неодговорно го уништуваат природниот систем со својата желба да го одржат криминалниот модел на развој додека голем дел од жителите на Земјата ги сносат тешките последици, изјави Чавес обвинувајќи го капитализмот за еколошката нерамнотежа што предизвикува алармантни атмосферски промени.
|