Каиро, 9 февруари 2011 (МИА) - Египетскиот потпретседател Омар Сулејман изјави дека властите „не можат да имаат трпение“ уште долго со протестите на плоштадот Тахрир во Каиро.
Во изјава за египетски медиуми по средба со главни уредници на медиумите, Сулејман изјави дека кризата треба да заврши што е можно побрзо.
- Нема да има промена на режимот, и неодложно повлекување на претседателот Хосни Мубарак, предупреди тој.
Сулејман додаде дека властите сакаат дијалог со демонстрантите за да се исполнат нивните барања за демократски реформи. Упати и предупредување: Не сакаме да употребиме полициски инструменти за да се разбереме со египетското општество.
Според него, алтернатива на дијалогот е „преврат што значи избрзани решенија како и многу нерационални акции. Не сакаме да стигнеме дотаму за да го заштитиме Египет“, изјави тој.
На прашање да појасни, Сулејман рече дека нема предвид воен удар, туку според новинари, сакал да каже „дека силата која не е подготвена да управува може да ги заземе државните институции“.
- Заради присуството на демонстранти на плоштадот Тахрир и на некои сателитски телевизии кои го понижуваат Египет, луѓето не се убедени дека треба да одат на работа, наведе Сулејман. Не можеме да го трпиме тоа долго време. Таа криза треба да заврши што е можно побрзо, нагласи тој.
Сулејман предупреди дека повиците на демонстранти за кампања на граѓанска непослушност „се многу опасни за општеството и тоа нема да се дозволи“.