Каиро, 11 февруари 2011 (МИА) - Офицер од армијата на Египет кој се приклучи на протестите на плоштадот Тахрир во Каиро, изјави денеска дека 15 офицери преминале на страната на демонстрантите.
- Почна солидарноста на вооружените сили со народот, изјави мајорот Ахмед Али Шуман, Според него, 15 офицери со чин од капетан до потполковник се присоединиле до народната револуција. Тој додаде дека тие ќе зборуваат пред демонстрантите по пладневната молитва.
Шуман синоќа рече дека го предал оружјето и станува дел од демонстрантите со барање за итно прекинување на владеењето на претседателот Хосни Мубарак.
Армијата се распореди на улиците и ги замени полицајците по неуспехот да се задушат демонстрациите на 28 јануари. Распоредени се десетици тенкови и воени оклопни возила околу плоштадот и клучни згради, но од армијата ветија дека нема да пукаат врз демонстрантите. Мала група протестираат пред претседателската палата во Каиро и армијата не се обидува да ги попречи.