Египетскиот претседател Хосни Мубарак поднесе оставка по 18-дневните демонстрации со барање за негово повлекување од функцијата, на која беше 30 години, изјави вечерва заменик-претседателот на Египет Омар Сулејман во кусото телевизиско обраќање.
Сулејман истакна дека Мубарак им ја предал власта на воените сили.
- Во овие тешки моменти за земјата претседателот Хосни Мубарак одлучи да се повлече од функцијата и побара од армијата да управува со земјата, рече Сулејман.
Во Каиро демонстрантите го слават повлекувањето на Мубарак. Стотици илјади демонстранти на плоштадот „Тахрир“ прославуваат и извикуваат „Народот го собори режимот“.
Во меѓувреме оставка поднесе и генералниот секретар на владејачката Национална демократска партија, Хосам Бадрави. Претседател на партијата е Мубарак.
- Поднесувам оставка од функцијата и ја напуштам партијата. Во оваа фаза е подобро да бидат создадени нови партии со нови сфаќања, изјави Бадрави во интервју за приватен телевизиски канал.
Бадрави беше назначен за генерален секретар на 5 февруари во обид партијата да биде „исчистена од непопуларни елементи“.
Телевизијата Ал Арабија претходно јави дека Мубарак и неговото семејство го напуштиле Каиро од военовоздухопловната база покрај градот и пристигнале во одмаралиштето Шарм ел Шеик на Црвеното Море.