Лондон, 22 февруари 2011 (МИА) - Либискиот лидер, полковникот Моамер Гадафи ангажира „бели“ платеници од Русија и од некои земји на Источна Европа, како и луѓе од „црна“ Африка, пред се од франкофонските земји, како Чад, за борба со домашните бунтовници и за одбрана на режимот, пишува лондонски „Дејли Меил“.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, весникот, кој важи за мошне близок и наклонет на владејачките ториевци, тврди дека Гадафи се обидува со помош на платеници од странство да се справи со вооружените Либијци, кои набавија или украдоа оружје од воените гарнизони во Бенгази и во некои други либиски градови.
Белите и црните платеници се ангажираат за плата од 18.000 евра, што се смета дека и не е голем износ, ако се има предвид дека тие ризикуваат да бидат фатени и веднаш ликвидирани од противниците на режимот.
Откритието на лондонскиот весник за „купување“ на платенички сили, доаѓа по гафот на шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг кој тврдеше дека Гадафи побегнал од Либија и дека е „на пат за Венецуела“.
Малку подоцна Гадафи лично го демантираше таквото тврдење, појавувајќи се во Триплои и давајќи куса изјава да не им се верува на она што го тврдат „уличните кучиња“.
Медиумите во Лондон тврдат дека во исто време, додека Хејг најавуваше „бегство“ на Гадафи, либискиот лидер телефонски од Триполи разговарал со генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун.
Британските медиуми, а посебно оние наклонети на конзервативците на премиерот Дејвид Камерон, ги искористија настаните во Либија и очајничкото настојување на Гадафи да остане и натаму на власт по 41 година управување со земјата, да се „пресметаат“ со него кого одново, како во времето на Маргарет Тачер, го нарекуваат „бесното куче“.
Во времето на последната ториевска Влада на Тачер, беше откриено дека Гадафи ја помага ИРА со оружје, во Лондон беше убиена една полицајка за што британските власти обвинија луѓе од Амбасадата на Либија, а се случи и соборувањето на американскиот патнички авион над шкотското место Локерби.
Во времето на Тачер Лондон ги прекина односите со Триполи, кои беа обновени од лабуристите на Тони Блер, откако Гадафи се согласи да исплати 2,7 милијарди долари за сите 270 жртви во соборениот авион над Локерби и го предаде за судење „бомбашот“ Абделбасет Ал Меграхи.
Односите меѓу Лондон и Триполи уште повеќе се подобрија откако либискиот лидер се откажа од производството на оружје за масовно уништување и по неговата изразена спремност за соработка со Западот.