ИФХР: Во протестите во Либија има најмалку 640 загинати Париз, 23 февруари 2011 (МИА) - Најмалку 640 лица загинаa во протестите во Либија против режимот на Моамер Гадафи, кои започнаа на 15 февруари, соопшти денеска Меѓународната федерација за човекови права (ИФХР).
Оваа бројка, во која влегуваат 275 жртви во Триполи и 230 загинати во центарот на протестите Бенгази, е речиси двојно поголема од официјалниот биланс за бројот на жртвите, кој според либиските власти изнесува 300 лица, изјави шефот на ИФХР, Сухер Белхасен.
Меѓу 230-те загинати во Бенгази се и 130 војници убиени од страна на нивните офицери, бидејќи одбиле да отворат оган врз демонстрантите, истакна Белхасен.
Шефицата на ИФХР, чие седиште се наоѓа во Париз, рече дека билансот на жртвите на нејзината организација се базира на воени извори за Триполи и на организациите за заштита на човековите права за Бенгази и останатите места.
Либиската Влада вчера соопшти дека во протестите животот го загубиле 300 лица, меѓу кои и 111 војници.
|