Триполи, 29 март 2011 (МИА) - Либискиот лидер Моамер Гадафи побара денеска ставање крај на меѓународната воена интервенција во Либија, во писмо упатено до светските сили, кои денеска во Лондон одржуваат конференција за ситуацијата во Либија.
Гадафи во писмото офанзивата ја нарече „варварска“, а коалициските воздушни напади врз неговата земја ги спореди со кампањата на Адолф Хитлер за време на Втората светска војна.
- Оставете им ја Либија на Либијците. Спроведувате операција за уништување на народот, кој не е во опасност и за уништување на земјата, која се развива, додаде Гадафи.
Воздушните напади пред повеќе од една недела ги покренаа Велика Британија, Франција и САД со цел да воведат зона забранета за летови на Либија, одобрена од Обединетите нации и да ги заштитат цивилите.
Во Лондон денеска се одржува конференција посветена на ситуацијата во Либија, на која ќе учествуваат претставници на повеќе од 35 земји, меѓу кои и седум арапски држави, како и високи функционери на ОН и на НАТО.