Либискиот министер за надворешни работи пребега во Велика БританијаЛондон, 31 март 2011 (МИА) - Муса Куса, министер за надворесни работи на Либија и еден од најблиските соработници на либискиот лидер Моамер Гадафи пребега во Велика Британија, јави дописникот на МИА од Лондон.
Британскиот Форин Офис, во кусо соопштение објавено доцна синоќа, наведува дека Куса „доброволно и по своја желба“ од Тунис допатувал со со британски воен авион на воениот аеродром Фарнбороу во англиската област Хемпшир, при што британските власти им изјавил дека не сака повеќе да и служи на власта на Гадафи и да ја претставува Либија на меѓународната сцена.
Веднаш по пристигнувањето од Тунис, каде престојуваше приватно без да се сретне со некој претставник на туниските власти, Куса бил одведен на разговор со оперативци на британските разузнавачки служби.
Куса од 1994 до 2009 година беше раководител на либиската разузнавачка слузба, па Британците се обидуваат да дознаат дали Гадафи лично наредол соборување на американскиот патнички авион над шкотското место Локерби во 1988 година, како и да утврдат кој пукал од либиската амбасада во Лондон за време на демонстрациите против режимот во Триполи во средината на 80-те години на 20 век, кога беше убиена британската полицајка Ивон Флечер.
Пребегнатиот либиски министер засега не се сретнал со шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг, ниту со премиерот Дејвид Камерон, но, како што тврдат лондонските медиуми, во изминатите недели тој имал „некакви контакти“ со својот британски колега.
Куса од 1979 до 1980 година беше либиски амбасадор во Лондон, а во 2009 година беше именуван за министер за надворешни работи.
Во реакција на соопштението на британскиот Форин Офис, претставник на либиската Влада изјави министерит Куса е во „службена и дипломатска мисија во странство“.
Медиумите во Лондон наведуваат дека засега не се знае дали Куса едноставно побегнал од Либија, предвидувајќи ја разврската на либиската криза или пак настојува да биде дел од пошироката либиска опозиција во рамките на привремениот национален совет за транзиција.
Бегството на Куса е извршено истиот ден кога британската Влада соопшти дека протерува петмина дипломати од Либиската амбасада во Лондон, меѓу кои и военото аташе. Сите петмина се прогласени за „мошне лојални на Гадафи и на неговиот режим“ и како „опасни по британската државна безбедност“.
|