Севернокорец обвинет поради поседување јужнокорејски песниСеул, 20 мај 2011 (МАИ) - Во Северна Кореја е организирано јавно судење на човек кој е обвинет за поседување на јужнокорејска музика, објави сеулската телевизија Ем-Би-Си.
Телевизијата eмитуваше видео снимка на која се прикажани толпа луѓе собрани на отворено, кои јавно му судат на еден свој сограѓанин поради поседување на 75 песни на пејачи од Јужна Кореја, како и на копија на јужнокорејски филм.
Телевизијата наведува дека од снимката не може да се утврди каква е судбината на обвинетиот и дали е осуден за „кривичното дело“.
Јужнокорејскиот весник „Дејли НК“ оценува дека ова јавно судење е најнов показател дека Северна Кореја ја зајакнува пресметката со надворешните влијанија и се обидува да ги заплаши луѓето.
Пресметката со оние кои ги прекршиле законите на социјалистичката култура трае уште од лани во декември, но бидејќи таа досега не даде резултати севернокорејските власти се решија на јавни судења за да ги застрашат луѓето, наведува весникот.
„Дејли НК“ коментира дека и наспроти напорите на властите во Пјонгјанг за запирање на ширењето на странските вести и западната култура меѓу своите граѓани, се повеќе пиратски ДВД и ЦД со јужнокорејски песни и филмови се шверцуваат од Кина во Северна Кореја.
|