Давутоглу: Анкара ќе обезбеди 300 милиони долари за потребите на либиската опозицијаБенгази, 23 август 2011 (МИА) - Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу за време на денешната посета на Бенгази вети дека Анкара ќе обезбеди 300 милиони долари за потребите на либиската опозиција.
Од овој износ, 100 милиони долари ќе бидат доделени како донација, други 100 милиони ќе бидат наменети за поддршка на формирањето на нова влада и финансирање на итни проекти, особено во периодот на светиот месец Рамазан, а останатите 100 милиони долари ќе бидат доделени за различни проекти.
Давутоглу, за време на заедничката прес-конференција во Бенгази со претседателот на либискиот Преоден национален совет Абдел Џалил, изрази целосна поддршка за либиската опозиција.
Турскиот министер за надворешни работи истакна дека воената операција на НАТО во Либија ќе продолжи додека не биде воспоставена целосна безбедност. Тој нагласи дека замрзнатите либиски сметки ќе бидат деблокирани до крајот на месецот во корист на либиските граѓани.
Абдел Џалил изрази уверување дека полковникот Моамер Гадафи и неговите соработници ќе бидат изнесени пред лицето на правдата во рамките на чесно организирани судски процеси. Тој истакна дека и самиот е подготвен да одговара пред законот за годините, додека бил министер за правда во владата на Гадафи.
|