Отава, 5 септември 2011 (МИА) - Кина понудила оружје за либискиот лидер Моамер Гадафи во последните денови од неговиот режим на тајни преговори во Пекинг во јули, објави канадскиот весник Глоуб енд меил.
Повикувајќи се на тајни документи, кинеските компании биле подготвени за продажба на оружје и муниција во вредност од најмалку 200 милиони долари и покрај санкциите на ОН.
Весникот не потврди дали кинеското оружје пристигнало, како што било планирано - преку Алжир и јужна Африка, во Либија.
Високи советници на Гадафи отпатувале во Пекинг во средината на јули каде имале состанок со претставници на кинеските Норинко, "CPMIC" и компанијата Ксинкинг. Тие понудиле „целокупен контингент од залихи и ветиле дополнителна испорака доколку е потребно“. Се работело за ракетни фрлачи, експлозивни ракети, антитенковски ракети како и проектили "QW-18" кои се слични на американските Стингер.
Високи претставници на новата преодна влада велат дека „нивните сомнежи се зголемени поради воздржаноста на Кина, Алжир и Јужна Африка да ја поддржат акцијата на НАТО во Либија“, се вели во написот во канадскиот весник.
Шефот на Воениот комитет на Преодниот совет, Омар Харири имал увид во документите и заклучил дека тоа го објаснува присуството на ново оружје пронајдено на местата на борбите. Спорните документи се откриени во предградие на Триполи каде неколку најверни приврзаници на Гадафи имаа свои домови.