Алжир, 6 септември 2011 (МИА) - Нигерискиот министер за надворешни работи Мохамед Базум ги демантираше тврдењата дека во Нигер пристигнал конвој со кој патува соборениот либиски лидер Моамер Гадафи.
- Тоа не е вистина. Не станува збор за Гадафи и не мислам дека тој конвој е толку голем, колку што се тврди, изјави министерот кој е во Алжир за да учествува на регионална конференција за земјите од Сахел.
- Вистина е дека неколку повеќе или помалку високи претставници од режимот на Гадафи пристигнаа во Нигер, но тоа е се. Не станува збор за луѓе, кои ги заземаа челните позиции, а уште помалку за Гадафи или за некој од неговите синови, појасни тој.
Шефот на дипломатијата на Нигер на крајот рече дека не е ополномошен да одговори на прашањето на новинарите дали Нигер ќе достави евентуален азил за Гадафи и неговото семејство.
Во исто време властите на Буркина Фасо изјавија дека не биле информирани за пристигнувањето на нивна територија на голем конвој со цивилни и воени возила кои доаѓале од Либија и преминале преку Нигер.
Анонимен владин извор изјави дека ако ваков конвој ја мине границата, властите ќе бидат информирани, но засега таква информација не е добиена.
Портпаролот на либискиот Преоден национален совет Абдел Хафиз Гога претходно изјави дека либиски конвој од десет возила со злато и пари од Централната банка на Либија во Сирт ја поминал гранцата со Нигер.
Тој наведе дека златото и парите се одземени од Централната банка во Сирт.