Родниот град на полковникот Моамер Гадафи, Сирт плати висока цена, бидејќи му пружи засолниште во завршните денови на борбите во либиската граѓанска војна.
Поголемиот дел на медитеранскиот град со булевари со палмини дрва и луксузни вили е уништен. Цели квартови се ненаселени, со огромни дупки од гранати на куќи поцрнети од оган и чад. Во градот нема струја ни вода. Улиците се полни со рушевини и смет и поплавени со вода од пукнати цевки.
- Сирт порано беше прекрасен град, еден од најубавите во Либија, рече Зарук Абдулах (42) универзитетски професор, стоејќи пред својата многу оштетена семејна куќа. - Денес Сирт изгледа како кога по војните изгледаа Ленинград, Газа и Бејрут, вели тој.
Сирт порано уживаше повластици од стариот режим во поглед на инвестициите и градежните изведби. Денес по шест недели борби, мнозинството од 140.000 негови жители сметаат дека тоа било безобзирно намерно уништување од страна на бунтовниците кои беа одмазнички расположени.
Иако некои го обвинуваат Гадафи дека војната ја довел во родниот град криејќи се во него во завршните денови, жителите сега се обидуваат да помогнат во расчистувањето и обновата бидејќи не очекуваат некоја помош од либиската преодна власт.
Повеќето мртви се отстранети и брзо погребани, но над градот се уште се чувствува тешка смрдеа на трулеж и распаднати тела.
Битката за Сирт почна кон средината на септември, по еден месец откако револуционерите, како што самите се нарекуваат, завладеаја со поголемиот дел на Либија, вклучувајќи го и главниот град Триполи. Сирт на околу 400 километри југоисточно од Триполи, беше еден од последните бастиони на отпорот на Гадафи заедно со уште две места кои ги контролираа неговите поддржувачи.
Отпорот во Сирт беше жесток и по три недели борби, силите на Националниот преоден совет напредуваа само неколку стотици метри во градот. Со интензивирањето на борбите и доведувањето на тешка артилерија и тенкови од страна на револуционерите, повеќето жители го напуштија градот и во него останаа само најцврстите приврзаници на Гадафи за кој тогаш не се ни знаеше дали се крие во градот. Повеќето мислеа дека Гадафи побегнал длабоко во пустината настојувајќи да избега од земјата.
А Гадафи се криел токму во Сирт тие завршни денови на војната, живеејќи по напуштени куќи во дистрикт бр. 2, со мало опкружување од 20 луѓе меѓу кои бил и неговиот син Моатасим. Кога противниците го опколиле тој дистрикт, Гадафи и неговите следбеници се обиделе да побегнат во конвој кој го нападнале авиони на НАТО, на автопатот во предградието. Останатото е веќе историја.
Борците од крајбрежниот град Мисрата ги предводеа борбите за ослободување на Сирт и апсењето на Гадафи. Тие и го убија и неговото мртво тело го изложија во Мисрата како трофеј.
Жителите на Сирт сега мислат дека луѓето од Мисрата намерно го разрушиле градот многу повеќе од што би бил рушен во борби, бидејќи сакале да израмнат некои свои сметки.
Во текот на минатиот викенд повеќе од 50 тела биле најдени во градината на хотелот Махари кој се наоѓа на брегот на морето. Според наодите на истражувачот Хјумен рајтс воч, хотелот бил во рацете на бунтовниците во текот на борбите и за време на смртта на најдените жители на градот.
Фараџ ал-Хемали, жител на Сирт кој бил меѓу тие кои ги откриле телата, вели дека на повеќе од 25 тела рацете и нозете им биле врзани. Крв имало насекаде низ тревата, што укажува на тоа дека сите биле тука убиени. Повеќето биле цивили и симпатизери на Гадафи и на сите им било пукано во глава или гради, вели тој.
Хјуман рајтс воч ги повика новите власти да спроведат истрага за она што го нарече „очигледна масовна егзекуција“.
Меѓутоа, Ибрахим Беителмал, претставник на воениот совет на Мисрата негира дека борците од тој град се одговорни за тоа злосторство. Тој вели дека верува дека симпатизерите на Гадафи ги убиле своите другари кои одбиле и понатаму да се борат. Според неговото тврдење и разрушувањето на Сирт намерно го направиле „силите на Гадафи, за да ја оцрнат претставата за бунтовниците“.
Зарук Абдулах, професор на универзитетот, ги отфрлува тие тврдења, обвинувајќи ги борците од Мисрати дека го убиле неговиот 34 годишен брат Хишам кој бил цивил и единствен грев му бил тој што останал да ја чува куќата.
Абдулах вели дека се плаши од израмнување на сметките. - Вистинската војна се уште не е почната. Вистинската војна ќе почне на 1 ноември, откако ќе си отиде НАТО, вели тој очигледно алудирајќи на крајот на седум месечната интервенција на таа воена алијанса.
- Луѓето ќе почнат да се одмаздуваат, предвидува Абдулах, но како и другите, тој вели дека не сака повеќе крвопролевање.
Политика - Белград