Отава, 1 ноември 2011 (МИА) - Канада го става под знак прашање учеството во УНЕСКО поради одлуката на Агенцијата на Обединетите нации да обезбеди статус на полноправна членка на Палестинците, изјави канадскиот министер за надворешни работи Џон Берд.
- Ние не сме задоволни од одлуката на УНЕСКО. Размислуваме каков ќе биде нашиот одговор, истакна првиот човек на канадската дипломатија.
Канада, заедно со САД и уште 12 земји гласаа против статусот на полноправна членка на Палестинците.
Сепак и покрај незадоволството од одлуката Берд, истакна дека УНЕСКО врши многу значајна работа за зачувување на светското културно и историско наследство.
Веднаш по објавувањето на Палестинците за полноправна членка на агенцијата на ОН, САД соопштија дека нема да го платат својот дел од членството во УНЕСКО, во вредност од 60 милиони долари, кои требаше да бидат поднесени до ноември. Годишно САД уплаќаат по 80 милиони долари во УНСЕКО.
Ова е тежок удар за Организацијата, бидејќи САД обезбедуваат 22 проценти од нејзиниот буџет. Генералниот секретар на УНЕСКО Ирина Бокова призна дека одбивањето на Вашингтон да ја уплати сумата предизвикува загриженост за стабилноста на буџетот на организацијата.
Во 90-тите години на минатиот век САД донесоа закон, со кој се забранува секакво финансирање на агенција на ОН, која ќе ја прифати Палестина како полноправна членка.
Канада годишно во буџетот на УНЕСКО учествува со 10 милиони долари.