Ријад, 5 ноември 2011 (МИА) - Над два милиони муслимани денеска почнаа да се собираат на врвот Арарат за годишното поклонување во Мека.
- Аџилакот тече нормално. Се се одвива во најдобар ред, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија, генерал Мансур ал Турки. Оваа година се мобилизирани околу сто илјади агенти на силите за безбедност и цивилната одбрана, кои се задолжени за зачувување на редот на светите места.
Верниците, облечени во бело уште од изгрејсонце почнаа да се движат кон Арарат, кој е наречен Џабал ал Рахма (Рид на простувањето), откаде пророкот Мухамед го дал последниот завет пред повеќе од 14 века.
- О Господе ти возвраќам на повикот, извикуваат во хор верниците, кои со автобуси или пеш ги минуваат десетината километри, колку што се оддалечени Арарат и долината Мина, каде вчера почна верската церемонија со денот за молитви.
Според управителот на Мека, принцот Халед ал Фејсал, над 1,83 милиони муслимани пристигнале од странство, што е зголемување од 1,5 проценти во однос на минатата година. Кон нив се придружуваат и неколку стотици илјади Саудијци и странци, кои живеат во Саудиска Арабија.
Попладне верниците ќе учествуваат на заедничката молитва во џамијата Намера, изградена на местото, каде Мухамед се молел. Останатиот дел од денот верниците ќе молат простување од Господ на врвот Арарат, кој е симбол на очекувањето на судниот ден. На зајдисонце тие ќе се упатат кон долината Муџалифа, на неколку километри од Арарат, јкаде ќе ја минат ноќта.
Верниците утре треба да стигнат до Мина, каде жртвуваат животно, вообичаено овца, споменувајќи си за жртвата, која требал да ја направи Абрахам, жртвувајќи го својот син по наредба на Бога. Со тој ритуал се означува почетокот на големиот празник Ал Адха или Курбан Бајрам.