
Москва, 6 јануари 2012 (МИА) - Температурите на полуостровот Камчатка, на рускиот Далечен Исток, паднаа до 45 степени целзиусови под нулата, соопшти локалната хидрометеоролошка служба.
Изминатата ноќ термометрите во северниот дел на Камчатка покажувале минус 41 и минус 45 степени. Во текот на вчерашниот ден биле измерени минус 39 и минус 41 степени.
Студеното време во северниот дел на полуостровот е поврзано со антициклон. Според прогнозите, Камчатка ќе остане под влијание на арктичкиот студ до 8 јануари, при што е можно температурите да паднат до 50 степени под нулата.
Руското Министерство за вонредни состојби го повика населението да биде внимателно, повикувајќи го да не излегува надвор, особено децата да не се изложуваат на екстремно ниските температури.