Газа, 14 ноември 2012 (МИА) - Шефот на военото крило на Хамас, Ахмад ал Џабари, е убиен денеска откако неговиот автомобил бил погоден во израелски воздушен напад, потврдија Израел и исламистичката група, што го контролира појасот Газа.
Израелската армија соопшти дека убиството на Џабари одбележува почеток на „поширока операција“ против борците во појасот Газа.
По извршените ракетни напади врз Израел, во последните неколку дена, главната команда на армијата одлучи да спроведе акција против терористичките организации во Газа - Хамас, Исламски џихад и други организации, соопшти армијата.
Џабари е највисокиот припадник на Хамас, убиен по израелската воена операција во Газа пред четири години. Тој долго време беше на врвот на израелскиот список на најбарани лица и беше познат во Израел, кој го обвинуваше за редица напади, вклучувајќи го и киднапирањето на израелскиот војник Гилад Шалит во 2006 година.
Очевидци изјавуваат дека Џабари патувал за градот Газа, кога автомобилот му експлодирал. Мноштво случајни минувачи и припадниците на силите за безбедност се упатиле на местото на експлозијата, обидувајќи се да го изгаснат огнот, што го зафатил возилото.
Полицијата на Хамас соопшти дека во други три воздушни напади биле погодени цели во Газа, Хан Јунис и Рафах.
Според израелски воен претставник, кој побарал анонимност, Џабари бил откриен благодарение на точни разузнавачки податоци, собрани во последните месеци.
Хамас соопшти дека Џабари, командант на Бригадите на Изедин ал Касам, загинал заедно со друг патник, кога неговиот автомобил бил погоден од израелска ракета.
Израелската служба за внатрешно разузнавање-Шин Бет потврди дека го извршила нападот, и појасни дека го убила Џабари заради „неговата десетгодишна терористичка активност“.
Целта на оваа операција беше да се нанесе тежок удар врз командно-контролниот синџир на раководење во Хамас, соопшти израелската армија.
Веднаш по нападот радиото на Хамас емитуваше повици за одмазда. Помали групи, исто така, предупредија дека ќе возвратат.
-Израел и објави војна на Газа и ќе ја понесе одговорноста за последиците, рече Исламски џихад.