Њујорк, 30 ноември 2012 (МИА) - Генералното собрание на Обединетите нации синоќа го изгласа унапредувањето на статусот на Палестинците во меѓународната организација од ентитет набљудувач во држава набљудувач, нечленка, со 138 гласа „за“, девет „против“ и 41 „воздржан“.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас во своето обраќање пред гласањето го оцени како „последна можност да се спаси дводржавното решение со Израел“ и повика да се „даде потврда за раѓање и реалност на Палестинска држава“.
Абас алудираше на создавање независна палестинска држава која ќе живее во мир и безбедност заедно со Израел, што беше цел на преговорите кои се веќе две години во ќорсокак.
Израелскиот амбасадор во ОН Рон Проснор истакна дека овој чекор на Палестинците „не претставува чекор кон мир, туку го турка назад“.
По усвојувањето на резолуцијата, на подот на ГС на ОН беше раширено палестинското знаме. Палестинците на Западниот брег и Газа веднаш излегоа на улиците да ги прослават резултатите од резолуцијата.
Против резолуцијата за Палестина гласаа Израел, САД, Канада, Чешка Република, Панама и четири пацифички земји Маршалски острови, Микронезија, Науру и Палау.