Каиро, 4 октомври 2014 (МИА) - Исламска држава ја презеде одговорноста за отсекувањето на главата на британскиот државјанин Ален Хенинг (47), заканувајќи се дека следниот заложник кого ќе го погуби ќе биде Американецот Питер Кесиг (26).
Ова е четврти пат како џихадистите на најбрутален начин убија заложник и снимката ја ставаат на Интернет, пренесоа западните агенции.
Двајца американски официјални претставници за американските медиуми поотврдија дека Питер Кесиг, поранешен американски војник кој служел во Ирак, се наоѓа во рацете на џихадистите.
Маскиран џихадист му порача на американскиот претседател Барак Обама дека бидејќи почна воздушни напади врз Сирија и тие ќе продолжат со отсекување глави на неговиот народ.
Хенинг, во портокалова облека и на колена, изјави дека ја плаќа цената за гласањето во британскиот Парламент.
-Крвта на Дејвид Хејнс е на твоите раце премиере Камерон. Ален Хенинг ќе биде, исто така, погубен, но неговата крв е на рацете на пратениците во британскиот Парламент", кажа со британски акцент маскираниот џихадист, кој стоеше зад Хенинг.
Премиерот на Велика Британија, Дејвид Камерон, изјави дека убиството на Хенингс го покажува варварството на џихадистите од Исламска држава, пренесоа британските медиуми.
-Моите мисли и молитви вечерва се со сопругата на Ален, Барбара, нивните деца и сите кои го сакаа, рече британскиот премиер.
камерон истакна дека Хенинг заминал за Сирија за да им помогне на луѓето од сите вери.
- Ќе направиме се што можеме за убијците да бидат фатени и изведени пред лицето на правдата, порача Камерон.
Британскиот Форин офис соопшти дека рабопти на проверката на автентичноста на снимката и дека, доколку се потврди, тогаш тоа ќе биде „уште едно стравично убиство“.
Сцената на самиот чин на отсекување на главата на Хенингс не е прикажана на снимката, но се друго е направено на истиот начин како и во претходните три егзекуции, на двајцата американски новинари и на британскиот хуманитарен работник.
Хенинг бил возач во хуманитарен конвој што тргнал кон Сирија заради давање помош на цивилите и многу брзо по преминувањето на турско-сириската граница, кон крајот на декември, бил киднапиран.
На почетокот на оваа недела сопругата на Хенинг, Барбара, во телевизиско обраќање ги замоли џихадистите да го ослободат.