Фергусон, 26 ноември 2014 (МИА) - Полицаецот Дарен Вилсон, што во август во градот Фергусон го уби невооружениот тинејџер Мајкл Браун, изјави во интервју за телевизијата Еј-Би-Си Њуз дека има чиста совест и дека повторно би го сторил истото.
Вилсон истакна дека пред да го извади пиштолот и пука во Браун, се плашел за сопствениот живот. - Причината поради што имам чиста совест е дека знам дека правилно ја извршував својата работа, изјави Вилсон во својата прва изјава во јавност од инцидентот на 9 август годинава.
- Не верувам дека тоа е нешто што ќе ме прогонува. Тоа е нешто што едноставно се случува, изјави полицаецот, на кого тоа е првпат да употреби оружје на своето работно место.
На прашањето дали исто ќе постапел и доколку Браун бил белец, Вилсон одговори: Да, нема сомнеж околу тоа.
Вилсон го опишува Браун како „силен човек“, споредувајќи го со професионалниот борец Халк Хоган. Според Вилсон, Браун тргнал кон него и сакал да го убие. Тој истакна дека се плашел за својот живот и дека Браун сакал да му го одземе службениот пиштол, поради што делувал во самоодбрана.
- Сам себе се запрашав дали можам да го убијам овој човек. Дали тоа е во согласност со законот? Одговорот што сам го дадов е дека морам да го направам тоа, истакна Вилсон.
Вилсон и неговата сопруга се надеваат дека наскоро ќе може да се вратат на својот нормален живот. - Ние само сакаме да имаме нормален живот. Тоа е се, изјави тој.
Убиството на Мајк Браун предизвика протести низ САД, откако поротата одлучи дека против полицаецот Вилсон нема да биде покренато обвинение за инцидентот.
More ABC US news |
ABC World News