Наслов:
„Кралскиот говор“ (King’s speech)
Режија:
Том Хопер
Сценарио:
Дејвид Сејдлер
Главни улоги:
Колин Фирт, Хелена Бонам Картер, Џефри раш, Гај Пирс
Жанр:
историска драма
Времетраење:
118 мин.
Година на издавање:
2010
Приказната за кризата на Британската монархија отсекогаш била фасцинантна, па до сега се снимени безброј филмови за абдикацијата на кралот Едвард. Зошто? Затоа приказната е романтична. Кралот се откажува од тронот за да биде со жената која ја сака. Минатата година беше снимен филм за кралот кој ќе го наследи кралот. Човекот кој не требаше да биде крал. Кралот Џорџ Шести.
Со дејствие пред почетокот на Втората Светска војна, King’s speech ја раскажува приказната за Алберт помладиот син на кралот Џорџ Петти и неговата говорна маана, за која очајно бара лек да ја излечи. Секогаш во сенка на својот плејбој брат Едвард, (Гај Пирс), Алберт (подоцна Џорџ Шести) живее повлечен семеен живот, но со ненадејната абдикација, тој ја превзема круната. Несигурен поради мааната смета дека не е компетентен да ја води државата во тешките времиња, па неговата сопруга (Хелена Бонам Картер) ќе побара помош од австралискиот логопед и несуден актер Лајнус Лоуг (Џефри Раш).
King’s speech е одличен филм кој само го побива правилото дека е потребен огромен буџет за да се сними брилијантен филм. Буџетот на филмот е 15 милиони долари, сума која во друг случај ќе беше потрошена само на хонорарот на Џулија Робертс. Се што е потребно е надежен и талентиран режисер, одлично сценарио и брилијанти актери. Ништо повеќе. Што и да се напише за глумата на Колин Фирт ќе биде премалку. Не постојат доволно епитети да го опишат неговото портретирање на кралот Џорџ. И кога би се обиделе да го објасниме, не би можеле во целост тоа да го направиме. Потребно е само да се погледне. Подеднакво одлични се споредните улоги од Хелена Бонам Катер и Џефри Раш кои покрај Фирт ќе си го најдат патот до оскаровските номинации, но Фирт е тој што ја заслужува статуетката.
Постојат контрасти во самиот филм кој го прават необичен, но топол за гледање. Низ целиот филм доминира темната маглива атмосфера на Лондон, ликовите се облечени во црна или сива облека, но хуморот кој го има во филмот и покрај сериозноста на темата не дозволува да потонете во меланхолија. Хуморот доаѓа од сцените помеѓу Лоуг и Џорџ , поточно од моментите кога двајцата работат на вежбите за надминување на говорната маана. Кралот се превртува на подот како шише, пцуе како кочијаш но тоа ќе даде резултат. На доста интелигентен начин ни е прикажана врската на Лоуг со кралот. Со доза на резервираност и анимозитет на почетокот, меѓу двајцата ќе се развие пријателство кое ќе трае, но сепак во процесот е задржана дистанцата меѓу двајцата. Тој е се уште кралот, а тој докторот и никој не отстапува од строгите линии и покрај заемната почит.
Постојат три сцени во филмот кои вреди да се споменат, а од кои ќе ви надојдат солзи на очите. Толку едноставно изведени од технички аспект, но брилијантни во доловување на поентата. Првата во која на Џорџ му е изгласана доверба. Семејството се пакува, а двете ќерки наместо да го гушнат татко си, формално му се поклонуваат само изговарајќи „Ваше височество“. Тој а ние остануваме стаписани. Втората следи веднаш потоа, кога очигледно не знаејќи што прави на новата позиција, тој бледо гледа во документи и стоицизмот за момент го напушта па липајќи како дете на Елизабета тивко и вели: „Јас не сум крал. Јас сум офицер на морнарицата“. Со тоа сфаќате како му било кога брат му го оставил на цедило. И финалната кога и треба да го даде првиот говор со кој се обраќа на нацијата пред војната. „ Лоуг како и да заврши ова не знам како да ти се заблагодарам за се што стори“ . Лоуг само ќе се насмевне. А со него ќе се насмевнете и вие.
(С. Лазаревска)