Во пресрет на настапот во Белград, поп дивата Мадона на организаторите им испрати листа со желби, кои ќе мораат да и бидат обезбедени за време на престојот кај нашиот северен сосед. Во склоп на турнејата „Sticky and Sweet“, Мадона ќе настапи на 14 август на Ушче.
Меѓу останатото, популарната пејачка навела дека слободното време сака да го помине јавајќи коњи.
- Мадона ќе има коњи кои ќе и бидат на располагање. Како и секоја ѕвезда така и Мадона си има специфична листа на желби, изјави Милош Игњатовиќ, менаџер на Exit и организатор на концертот.
Имено, не е тајна дека пејачката веќе со години наназад на турнеите со себе го носи приватниот тренер за јавање, па така и не е чудно што Мадона во Белград бара коњи за јавање. Пејачката неодамна падна од преплашен коњ, а пред четири години сериозно се повреди на својот имот во Англија, каде нагмечи три ребра и ја скрши раката и клучната коска.
На овогодинешната турнеја ќе ја следат дури 270 луѓе и над 20 танчари. За време на концертите Мадона се пресоблекува осум пати, а за тоа се ангажирани пет луѓе кои мораат во најбрз временски период да и помогнат на пејачката да се врати назад на сцената.