Пејачот на рок групата U2 Боно Вокс беше итно опериран во болница во Минхен, откако се повреди при подготовката на следната етапа од светската турнеја „360 степени“ во Северна Америка.
Првиот концерт од турнејата, закажан за 3 јуни во Солт Лејк Сити, е одложен, се вели во соопштението на U2.
Педесетгодишниот ирски пејач, го повреди ’рбетот и беше примен на неврохирургијата во минхенската болница. - Боно ќе ги помине следните неколку дена таму, пред да биде пуштен на домашно лекување. Штом ќе се направи проценка на неговата состојба, ќе биде објавено соопштение за следните концерти од турнејата, рече портпаролот на пејачот.
Менаџерот на групата рече дека е можно одложување на уште концерти. - Тоа ќе зададе тешкотии за нашиот тим. Околу 400 луѓе требаше да се соберат во Солт Лејк Сити. На некои луѓе им беше кажано да се вратат дома, додека да го подготвиме новиот план, посочи тој.
Во првата етапа од турнејата „360 степени“ во Европа во 2009 година, групата заработи околу 110 милиони долари, објави списанието „Билборд“.