По снимањето на видео спот за синглот „Јовано Јованке” од актуелниот албум „Македонското срце чука во 7/8”, браќата Тавитјан продолжија со негово промовирање низ Хрватска. По завршувањето на тие активности, летото за нив значеше нови настапи и гостувања. Она што во моментов е актуелно кај нив е ексклузивниот концерт кој ќе го одржат во петок, 27. Август на „Аверниер џез фестивал” во Швајцарија.

- Посебна чест за нас е учеството на фестивалот, зашто сме први македонски музичари кои настапуваат на него. Нашиот концерт е предвидено да трае 90-тина минути и ќе опфати презентација на нашите два авторски албума „Богатство” и „Личен поглед”, истакна пред заминување Дики.
Организаторот на фестивалот на Дики и Гаро им понудил официјално да ги застапува во Швајцарија. За нивниот концерт, тој обезбедил врвен клавир од марката „Стенвеј” чија вредност изнесува 150.000 евра. Овој потег ја покажува професионалноста и почитта кон нашите музичари.
По овој настап, Браќата Тавитјан ќе одржат концерт во Лондон на „Источно- европскиот џез фестивал”, по повод 200-годишнина од раѓањето на Фредерик Шопен. Таму, ексклузивно ќе изведат неколку композиции од славниот композитор во нивен џез аранжман.