Во кино „Милениум“ денеска ќе се одржи македонската промоција на филмот „Името е име“ во режија на Сигурјон Еинарсон, во продукција на Џејсон Мико.
Филмот за нацијата-заложник на своето име досега го виде неколкуилјадна публика во Северна Америка и во Австралија.
- На премиерната ВИП-проекција ќе бидат присутни членови на екипата што работеше на филмот, дипломати, политичари. По оваа проекција, филмот ќе почне да се прикажува во киното „Фросина“ во МКЦ. Доколку постои интерес ќе го прикажеме и во други градови во Македонија - вели Џејсон Мико, продуцентот и косценарист на филмот.
Филмот „Името си е име“ досега го виде неколкуилјадна публика на специјалните проекции во Северна Америка и во Австралија.
- Најмногу публика имаше на проекцијата на филмот во Сиднеј во февруари оваа година, каде што присуствуваа речиси две илјади луѓе. На последната проекција во Детроит, филмот „Името си е име“ го видоа повеќе од 600 луѓе - вели Мико.
Продуцентот се надева дека проекциите ќе предизвикаат одлични реакции кај македонската публика, која првпат ќе го види филмот што стои во одбрана на нашето име и идентитет.
Првата презентација на „Името си е име“ што требаше да се одржи во резиденцијата на амбасадорот на Исланд во Вашингтон, минатата година во ноември, беше откажана по силниот притисок на високи грчки дипломати.
Тие на исландскиот амбасадор му укажаа дека Грција ќе направи сe за да го блокира пристапувањето на неговата држава во Европската Унија доколку дозволи да се прикаже филмот. Филмот „Името си е име“ во Вашингтон се прикажа неколку месеци подоцна. Светската премиера на документарниот филм „Името си е име“ беше на 16 октомври, минатата година во Торонто.
Филмот е сниман во Македонија и има т.н. „он д роуд“ форма. Мотоциклист од Норвешка тргнува на пат низ земјава и се соочува со сите нејзини убавини и проблеми, доблести и маани. Филмот не е туристички. Во него, како што велат авторите, нема зајдисонца во црвена боја, туку разговори со граѓаните на земјава. Во „Името си е име“ за името зборуваат обични луѓе, селани, бизнисмени, политичари.
Наратор во филмот е сер Ендрју Моушн, кралски поет на англискиот двор. Во филмот е користена музика од Мортен Харкет, некогашен водач на норвешката група „А-ха“, Греам Неш (кој ја водеше легендарната британска група „Холис“ пред да стане една четвртина од познатата супергрупа „Крозби, Неш, Стил и Јанг“), исландскиот построк-бенд „Сигур рос“, кој зад себе има пет одлични студиски албуми, помладите групи „Мам“ и „Монте Негро“.