Наспроти сивилото и безличното повторување на иста програмска шема на нашите 150 (или можеби беа 200) ТВ-канали, (како да ја создавал ист програмски уредник), еден од ретките ТВ-производи што ги разбиваат мрачните црни облаци надвиснати над гледачите од разни реали или така наречени ,,ток -шоуа,, и турско-шпанско-хрватски и којзнае веќе уште какви серии, е анимираната серија ЕДНООКИ.
Остри на јазикот, мајтапџии во душа, а иронични сеирџии по вокација, Еднооки веќе 5 години се во мисија да им ги отворат и двете очи на заслепените, а освестените...ако ништо друго, барем да ги насмеат.
Амбициите на авторот Александар Русјаков можеби одат до таму, да се добие термин за емитување на Comedy Central. Но, за сега, Еднооки се уште е македонска приказна во рамките на професионалноста која владее тука.
За ИДИВИДИ говорат авторот Русјаков и два од препознатливите гласови што ги ,,оживуваат“ ликовите во серијалот, Арна Шијак и Александар Донев.
Зошто Еднооки и што значи тоа?
Русјаков - Филип Македонски, секој стоти Самоилов војник, Киро Глигоров... Сите тие загубиле едно око. Башка денес политиката ни е ќорава.
Постојат ли двооки луѓе во нашата средина?
Александар - Ц...сите тие се двојни шпиуни...
Русјаков - Се разбира дека постојат. Поголемиот дел од овој наш народ си ги има и си ги користи двете очи. Како што веќе реков, политиката ни е ќорава.
Како изгледа подготвувањето на една епизода од Еднооки?
Русјаков - Пробај да замислиш креативно создавање низ солзи од смеење.
Арна - Пошто имаме недела дена да го накркаме ентузијастичкиот „гонич“ на глупоста, кој го храниме сите ние, а дал Бог има и фазла хранители, у понеделниците, кога и обично сите работи треба да почнат со благослов, така и ние почнуеме, и веруеле или не и завршуеме некои од нив. Мастермајндовите Алек и Борис, го завршуваат сценариото и следи кадрирање со аниматорите – архитектите на „ЕДНООКИ“ - дечките (за мене тоа е ослободено од полова поделба и ги претпоставува двата пола) чија работа почнуе на крајот од денот, и не запира до самиот крај на неделата. Онда Тхе Мичо од убавата Битола праќа вруќ мејл, со уште повруќи карикатури и на крајот доаѓаме ние, гласовите, и почнуе забавата у нашата земја на чуда - глувата соба. Од другата страна на стаклото не’ варди еден многу интересен дечко, кој иначе „брани гол“ од поише страни глеано, а коа сме више кај вардењето, иаме и една Ратка ш’о делуе као мелем на рана, пошто она ш’о е досадно за креативци, за неа е апсолутно креативно. И така почнуе да се раѓа една епизода. Разбира се, доколку има некои глупости на пазарот, еве на пример, у четврток, ние со мерак ги користиме ко зарзават у чорба. Глупости не идат фира кај нас. Сабота, а коа е „алајв енд кикинг“ и у недела, епизодата веќе е спремна за мезење.
Колку си самостоен во креирањето на сценариото на Еднооки, ти дава ли и Борис (режисерот) сугестии и каква е соработката со него?
Русјаков - Кај нас едноставно не постојат стереотипи во креирањето. Не само јас и Борис, целата екипа, цртачот, аниматорите, гласовите се креативци кои создаваат и се незаменлив дел од целата слика.
Дали и вие што сте задолжени за гласовите, учествувате и во креирањето на серијалот, со оглед на тоа дека сепак зад сценаристичко-реализаторскиот дел се потпишуваат Дамевски и Русјаков?
Александар - Како сопственик на рент-а-глас агенција, имам можност своите клиенти редовно и педантно да ги следам во глупостите им, така што истите уште попедантно им ги предавам на сценаристите, како секој кодош што држи до себе.
Со тоа имам и патриотски и државотворен удел во серијата, како и секој кодош впрочем.
Арна - Кога сте дел од мала, ведра екипа, убавината е у тоа што вашето внесување не завршуе у некакви строго контролирани рамки. Но, што се однесуе до сценариото, сите што ги познаваат, и ги разлучуваат нивните дрскост, писменост, смисол за хумор, изнедрени од непатворена жар и љубов – не може, а да не потврдат дека авторите се токму тие господа.
Постојат ли за вас некои поомилени ликови иако сите се ваши чеда?
Русјаков - Некои ликови се веќе толку изградени што едноставно се наметнуваат во секоја епизода. Тоа значи дека работеле на себе повеќе од некои други ликови. Таква ти е реалноста. Ако се трудиш ќе те има, ако не работиш на себе, тогаш си спореден лик или епизодист.
Арна - Не можам да си ја надминам слабоста кон Рок Пророк. И кон Лилика или Куки. Ги претпочитам ликовите со високо развиена самосвест, зашто не ме напушта нити убедувањето дека на оваа наша мајчичка земја и’ треба фраер, ист као вас, може и пет пути бољи, али не смее и полош. Фраер, бе, тип кој сигурно не е савршен, и не му е све у животов под контрола, али стало му е за земјава, со чест запаметена од чукун-дедоина, мудро поставуе прашања, и оргазмично трага по одговори. Кој не се задоволуе со траљаво исконципираниов ни’ систем, презентиран од аматери, насилници - у секој случај, не-еволуирани примероци на човечкиот сој. И таков тип сигурно нема да се сведе на кравата, клишеизиран говор, и лошо срочено пафтање со рацете. Фали бре малку рок. Да мрднеме од ова тињава. И патем речено, во мојот лингвистички фолдер „фраерлук“, фраер е подеднакво плаузибилен и за жени. И кога ќе размислам, доста беше тестостеронска травестија.
Александар - Јааа мајката, трик прашање, а? Па да ми се качат на глава после другите...Има еден, герој на моето срце, но се уште немаме сериозна врска, па не би откривал повеќе...
Колку ликовите за кои што сте задолжена да им го позајмите гласот ви се инспиративи, сметајќи дека во голема мера нивните карактерни особини се извлечени од реалниот живот?
Арна - Безобразно е да кажам колку.
Александар - Пред некој ден, една мајка, која го проследи финалното учество на синот и во некакво си реално шоу, во обид да го опише поблиску, ја даде следна изјава : Син ми е навистина многу реален, а ова е сепак реално шоу... Така да, да бидеме реални, тие живеат во мене, а и много их је...и много галаме...
Постои ли разлика меѓу ЕДНООКИ и реалноста?
Русјаков - Реалноста е цртан филм. Па сега ти види!
Колку според вас, нашата ,,млада,, демократија е подготвена да ги прими критиките и пародиите од типот на Еднооки?
Русјаков - Не знам, не сум во нивната кожа, не сакам ни да бидам. Нас Македонија не сака, тоа е најважно.
Александар - Нашата млада демократија до пред некоја година беше barely legal, и како таква беше лимитирана во примањето, а издашна во давањето. Сега, откако е полнолетна, не може сиротата да навтаса од примање. Но штом може да истрпи собраниски канал секој ден, немаме никаква грижа на совест.
Дали и колку често наидувате на критики, негодувања, можеби закани, поради ,,остриот“ јазик? Се појавил ли досега некаков судир со системот?
Русјаков - Не знам што друго да ти кажам, освен она панкерското... Fuck the system!
Колку од друга страна, тој ,,остар јазик“ ви попречил на професионален план, во другите сфери?
Русјаков - Не сакаа да ме вработат како Премиер на Македонија.
Александар - Да...еве, од кога е Еднооки, јас немам испратено ниедно писмо, пошто а сакам да ја лижнам марката, а ја прободувам...башка, трпи и секојдневната логистика на прехрамбени намирници, бидејќи пред секое пазарување во гранапот ми, треба да смислам излагање за острите маалски критичари, спрема кои што еден Европски прашалник е вагинален чад.
Арна - Никад не ми идело лесно, али животот е прекраток за да се бавиме со мрачните сили што ионака никад нема да станат светлина. Али затоа, можеме да се спрдаме со глупоста на „поглавиците“ ни’ без педигре, еве ќе бидам аљкава и ќе ги ставам сите у ист кош, затоа што ај шо глумат поглавици, пошто не се, и ај шо го потценуваат природното чувство за правдина кај секој човек, но подлоста, за тоа што се обидуваат да го држат заспано – е тоа ме мерачи. Истиот мерак, во нашата сатира/лектира му го хајлајтираме на нашето ценето граџанство она што најмногу вреѓа - стеснувањето на обрачот на контрола, во кој од ден на ден, ни’ се укинуваат се повеќе наши слободи. Првенствено, онаа да мислиме со своја глава. Така што, доколку „Еднооки“ за некој претставуе доволен претекст за шо и да е слично на вашето прашање – се надевам се забавља, еве, барем као нас.
Во еден напис во списанието ПРЕМИН, ве нарекуваат Богохулници што треба да се покајат, пред се поради споменувањето на Господ, Исус, Дева Марија и др. светци во Еднооки? Ваш коментар?
Не не споменува списанието Премин. Тоа е само една статија на еден човек. После се појави уште еден таков на Фејсбук. Добро е што двајца не прават фундаменталистичка келија. На крајот на краиштата никој од небото не ни се пожалил. Смеата е од Бога дадена. Ја има зачувано душата на овој народ.
Ќе основате ли партија на Еднооки и кон која страна би се прилепиле? Лево, десно или средина?
Русјаков - Нас повеќе не интересира горе и доле, отколку лево и десно. Посебно сме навлечени на таму и ваму, а да не зборам за овде и онде...
-----------
Две прашања, но само за дамата од Еднооки
Присутна си театарската сцена, те има и на ТВ и на филм, се појавуваш и како вокалист на Дарк-кабаре бендот Еуропиа цикус. Може ли да се извлече пресек во што најмногу се наоѓаш или еве, што сепак најмногу ти лежи?
Не. Као што не може ни у дропки. Да се биде актер, веќе претпоставува да се биде дел од се’, и сето дел од мене. Така што, Фала Му на Бога, сите работи што досега ми излегле на патот, порано или подоцна, си легнале секоја на свој начин. Али, ај да почнеме со она што у моментов ми лежи. Слобода, сама по себе и слобода на изразуење. Пошто сум им наклонета на различностите од секој вид, еве сега, у моментов, инсистирам, да инсистирам на прослава и чување на убавините на жаргонот, или ти живиот јазик, што би ти рекол секој што веруе у секојдневното раскрилуење на јазикот. Као горда Скопјанка, и у полза на живото сведоштво, отсеа па надаље цепам вака. Ќе си ја зеам оваа миговна андерграунд просветителска дејност, и се надевам ќе ја расположам вашата читателска публика.
Сопруга си му на главниот креативец на ЕДНООКИ, режисерот Борис Дамовски. Колку Еднооки ,,влегува,, се испреплетува во/со вашиот заеднички, семеен живот?
Стоте илјади гледачи неделно можат да докажат дека не им треба бурма на рука од режисерот, за да им „се испреплете“ животот со „Еднооки“. Така што, горенаведениот сатиричен коректор, му доаѓа нешо као потреба од кратко преиспитуење за сите, до кај сме, токму ли сме ние, и кои и какви се сите тие, за кои никад не изумре таа насушна потреба да се бистри политика пред гранапче, на пример, а слободно продужете со именуење даље, кој како сака... Борис Дамовски е еден прилично опиниејтед-есхоловски тип, за шо не знам дали поише ме нервира или забавља ;) Ваљда е боље да бидам вицкаста, него ли да зборуем се’ најбоље за мојот сопруг, од пусто гадење ш’о на сите у државава им умрела Циганката ш’о ги фалела. Се надевам, нема да се најде некоја будала и да го изспинуе сето ова, и да покуша да ме обвини за политичка или каква и да е некоректност.
З. Манчевски